Град Скопје денеска почна со реконструкција на булеварот Партизански одреди од мостот Обединети нации до булевар 8 септември. Според најавите на градоначалникот Петре Шилегов градежните работи ќе траат еден месец и дотогаш ќе биде воведен привремен режим на сообраќај.
„На овој дел од булеварот Партизански одреди целосно ќе се замени асфалтниот слој на површина од околу 47.000 квадратни метри, а на автобуските стојалишта ќе биде изведена комплетно нова коловозна конструкција. Нашата цел е да се намали периодот во кој може да настане застој во сообраќајот. Очекуваме реконструкцијата на овој потег да заврши за околу 30 дена и за неа Град Скопје ќе потроши околу 69 милиони денари“, рече градоначалникот Шилегов.
Привремениот сообраќаен режим ќе се воведува во неколку фази. Во првата фаза ќе биде затворена крајната десна сообраќајна лента на булеварот Партизански одреди на потегот од мостот Обединети нации до крстосницата со улицата Лондонска, во насока на движење кон центарот на градот, но нема да има промена во движењето на автобусите на ЈСП.
Од Градот апелираат до граѓаните да ја почитуваат поставената патна сигнализација и да ја приспособат брзината на движење на условите на патот.
А. АНТЕВСКА