Град Скопје вели дека бил исправен автобусот со кој се превезуваа средношколци од скопската гимназија „Орце Николов“, а за кој од Министерството за внатрешни работи вчера рекоа дека при технички преглед било утврдена техничка неисправност на кочниците.
САКАМДАКАЖАМ.МК испрати прашања до Град Скопје, во чија надлежност е управувањето со средните училишта во главниот град, за тоа што се презема по инцидентот со расипаниот автобус, дали градоначалникот Орце Ѓорѓиевски имал средби со директорите на школите во однос на изборот на фирми за превоз на ученици и дали се дадени некои насоки.
Од кабинетот на Ѓорѓиевски ни одговорија дека градоначалникот и Град Скопје не прават избор на агенција за реализација на екскурзиите, туку единствено се потенцира сите постапки кои што се вршат во рамки на училиштата дека мора да бидат согласно закон и согласно исполнување на сите потребни критериуми.
- ТЕХНИЧКА НЕИСПРАВНОСТ ВО КОЧНИЦИТЕ ИМАЛ АВТОБУСОТ СО СРЕДНОШКОЛЦИ ОД СКОПСКАTA ГИМНАЗИЈА „ОРЦЕ НИКОЛОВ“ КОЈ БЕШЕ СОПРЕН ОД ПОЛИЦИЈА ПО РЕАКЦИИ НА УЧЕНИЦИТЕ
- НА ВРАЌАЊЕ ОД ЕКСКУРЗИЈА 4 ПАТИ СЕ РАСИПУВАЛ АВТОБУС СО УЧЕНИЦИ ОД СКОПСКАТА ГИМНАЗИЈА „ОРЦЕ НИКОЛОВ“, СРЕДНОШКОЛЦИТЕ ОБВИНЕТИ ДЕКА КРЕВАЛЕ ПАНИКА БЕСПОТРЕБНО
„Конкретната екскурзија која ја споменувате е реализирана по претходно спроведена постапка, односно јавен повик распишан од страна на Совет на родители на училиштето кој што е составен од претставници од родителите, а и самиот претседател на Советот е од редот на родителите. Според информациите кои ги имаме добиено од училиштето, автобусот на 8 мај бил сопрен од полициска контрола и бил испратен на технички преглед, но поради тоа што било петок навечер, проверката е направена во првиот работен ден, односно на 11 мај, при што е утврдено дека автобусот бил технички исправен и истиот е вратен на агенцијата при што е напишана само една глоба за нефункционална светло магленка“, одговорија од Град Скопје.
За автобусот, кој четири пати се расипувал на враќање со ученици од екскурзија во Грција на 8 мај, од СВР Велес вчера за САКАМДАКАЖАМ.МК изјавија:
„По издадена наредба, во станица за технички преглед е извршен вонреден технички преглед на автобусот, каде е утврдена техничка неисправност на одредени делови во системот за кочење. За тоа од Полициска станица за безбедност на патниот сообраќај при СВР Велес е изготвен службен материјал, кој ќе биде проследен до надлежните институции за понатамошно постапување“ , велат од СВР Велес.
И покрај тоа што има официјална изјава за случајот од Министерството за внатрешни работи, значи од надлежна државна институција, во одговорот од Град Скопје за САКАМДАКАЖАМ.МК стои дека замолуваат во иднина „при објавување на вакви или слични текстови согласно новинарската етика да биде консултирана и другата страна“.
Учениците од скопската Гимназија „Орце Николов“ кои беа на екскурзија во Грција телефонски ги информирале родителите дека не можат да се вратат од екскурзија дома, зашто автобусот им се расипувал четири пати. Родителите се јавиле во полиција и го пријавиле случајот, по што автобусот бил сопрен од полициски службеници од СВР Велес во близина на патарината Отовица, кај Велес. Автобусот беше одземен и пренесен во станица за технички преглед за утврдување на техничка исправност.
Учениците со друг автобус биле вратени за Скопје, со задоцнување од 4-5 часа.
Одговорот кој малолетните ученици го добиле кога автобусот се расипувал е дека непотребно креваат паника и „дека следен пат нема да ве носиме на екскурзија ако вака правите“.
Неколку дена подоцна, туристичката агенција која го организирала превозот го известила училиштето дека имало проблем само со светлата за магла.
А. АНТЕВСКА



