Родителите на малолетните ученици од скопската Гимназија „Орце Николов“ останаа ноќеска будни и вознемирени, откако нивните деца не можеа да се вратат од екскурзија дома, зашто автобусот им се расипувал 4 пати.
На крајот, по пријава на родител во МВР, сообраќајната полиција го запрела автобусот на патарина, му забранила движење и наредила транспортерот за децата да донесе нов и безбеден автобус за да се довозат до домa.
САКАМДАКАЖАМ.МК рано утринава постави прашање во МВР за овој случај, а доцна претпладнево Министерството објави соопштение на веб-страната.
„По претходна пријава во СВР Велес од страна на граѓанин чие малолетно дете било во автобус со скопски регистарски ознаки, сопственост на правно лице од Скопје, кој се враќал од екскурзија, дека автобусот неколку пати останувал дефект по пат, на 08.05.2026 во 22:50 часот, на наплатна станица „Отовица“, на автопатот Велес-Скопје, од страна на полициски службеници од СВР Велес, бил сопрен автобус ‘сетра’ со скопски регистарски ознаки управуван од А.Ѓ.(43) од Скопје. Автобусот е одземен и пренесен во станица за технички преглед за утврдување на техничка исправност. Патниците со друг автобус се безбедно пренесени до крајната дестинација“, соопшти МВР.
По целосно комплетирање на случајот и по завршување на вонредниот технички преглед ќе бидат поднесени соодветни поднесоци, најави Министерството за внатрешни работи.
Родителите на децата во неисправниот автобус, за САКАМДАКАЖАМ.МК рекоа дека нивните деца биле обвинети оти кревале паника беспотребно.
„Не се расипани кочниците, само електрониката! Не кревајте паника без врска!“ , биле обвинети учениците кое го трпеле патешествието и чие враќање дома доцнело 4-5 часа.
По големите автобуски несреќи кај Ласкарци и Струма (Бугарија), властите на чело со МВР, најавија построги контроли за техничката исправност на автобусите, односно на возилата за групен превоз.
С. К. ДЕЛЕВСКА



