ГРАДОНАЧАЛНИКОТ КОЛЕВ ЗАБОРАВИ ДА ОДДАДЕ ПОЧИТ ЗА ДЕНОТ НА ПОБЕДАТА НАД ФАШИЗМОТ ВО ВЕЛЕС, ВЕЛИ ОДДЕЛЕНИЕТО ЗА КУЛТУРА НЕ ГО ПОТСЕТИЛО

    ГРАДОНАЧАЛНИКОТ КОЛЕВ ЗАБОРАВИ ДА ОДДАДЕ ПОЧИТ ЗА ДЕНОТ НА ПОБЕДАТА НАД ФАШИЗМОТ ВО ВЕЛЕС, ВЕЛИ ОДДЕЛЕНИЕТО ЗА КУЛТУРА НЕ ГО ПОТСЕТИЛОНа овој ден во Велес традиционално се положува цвеќе и оддава почит во Спомен-костурницата, но годинава изостана. (Фото: СДК.МК)

    По реакции во јавноста и на советниците во општинскиот Совет, градоначалникот Марко Колев одговорноста зошто во Велес не се одбележа 9 Мај, Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа, ја префрли на администрацијата. На овој ден во Велес традиционално се положуваше цвеќе и оддаваше почит во Спомен-костурницата. Годинава тој чин на локалните власти и градоначалникот изостана.

    На седницата на Советот, меѓу советничките прашања, советниците и од Левица и од СДСМ го прашаа градоначалникот Марко Колев зошто го заборави овој датум.

    „Има пропуст во Одделението за култура. И јас реагирав, но веќе беше доцна. За тој ден ми беа договорени неколку активности, не и одбележувањето на Денот на победата. И јас сметам дека треба да се положи цвеќе на овој датум на Спомен-костурница. Ѝ укажав на раководителката на ова одделение, дека иако овој ден не е во програмата за одбележување, треба да се оддаде почит на паднатите борци и жртви. Ова што се случи не е намерно, туку е пропуст, не бев информиран, не можам сè да следам и пратам за активностите кои ги имам. Слично беше и со 28 Април, Денот на гемиџиите, ад-хок беше оддавањето на почит“, кажа градоначалникот Колев.

    Спомен-костурницата во Велес е местото каде почиваат посмртните останки на 378 партизани борци на НОБ и 209 жртви на фашизмот, сите родум од Велешко, кои загинале во четиригодишната борба за слобода.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира