ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА КАРПОШ БОГОЕВ ПОБАРА ОД УСТАВНИОТ СУД ДА ГИ СТОПИРА ДЕТАЛНИТЕ ПЛАНОВИ НА ЈАКИМОВСКИ ЗА ТАФТАЛИЏЕ И КАРПОШ 4 – ИМЕС

    ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА КАРПОШ БОГОЕВ ПОБАРА ОД УСТАВНИОТ СУД ДА ГИ СТОПИРА ДЕТАЛНИТЕ ПЛАНОВИ НА ЈАКИМОВСКИ ЗА ТАФТАЛИЏЕ И КАРПОШ 4 – ИМЕССтанува збор за плановите кои беа донесени од претходниот градоначалник Стевчо Јакимовски за време на Божиќните празници пред две години, односно на 5 јануари 2016 година, а кои предвидуваат изградба на нови згради на местото каде што имаше паркови и зеленило - Стефан Богоев и Стевчо Јакимовски (Фото: СДК.МК)

    Градоначалникот на скопската општина Карпош Стефан Богоев побара Уставниот суд да ги стопира Деталните урбанистички планови за Тафталиџе 1 и Карпош 4 – Имес преку булеварот Илинден.

    Станува збор за плановите кои беа донесени од претходниот градоначалник  Стевчо Јакимовски за време на Божиќните празници пред две години, односно на 5 јануари 2016 година, а кои предвидуваат изградба на нови згради на местото каде што имаше  паркови и зеленило. Токму за овие планови жителите на Карпош неколкупати организираа протести блокирајќи ја крстосницата кај ТЦ„Сити мол“, барајќи да престане бетонизаација на општината и уништувањето на малку преостанатото зеленило.

    Од Општината велат дека бидејќи не била запазена законски предвидената постапка за донесување на два ДУП-а, предложиле на Уставниот суд, до донесувањето на конечната одлука, да донесе решение за запирање на поединечни акти или дејствија за овие два плана.

    „Општина Карпош го достави Записникот од 44-та седница на Советот на Општина Карпош, одржана на 5 јануари, 2016-та година. Од овој доказ е очигледно дека при носење на оспорениот ДУП предложено е дополнување на дневниот ред за работа на 44-та седница на Советот со Предлог – одлука за донесување на оспорениот ДУП, со образложение дека непосредно пред почетокот на седницата е пристигната согласноста за донесување на ДУП-от од Министерството за транспорт и врски, што е спротивно на Законот за просторно и урбанистичко планирање, како и на Деловникот на Советот на Општина Карпош. Со ова, на советниците им било оневозможено соодветно и темелно да ја разгледаат предлог-одлуката и да ја анализираат содржината на оспорениот ДУП“, се вели во дописот на Општината до Уставниот суд.

    Дополнително, како што велат од Општината, претседателот на Советот направил и повреда на Законот за просторно и урбанистичко планирање бидејќи го дополнил дневниот ред со две точки меѓу кои и таа со оспорениот ДУП, иако бил должен предлогот на планот да го стави најрано на првата наредна седница.

    Како уште еден доказ за прекршување на постапката за носење на плановите што општинарите ја доставиле е и извод од архивата на содржини објавени на веб страната од која се гледа дека Одлуката за неспроведување на стратегиска оцена, која претходи на донесување на Деталниот урбанистички план не била објавена на огласната табла на веб страницата на локалната самоуправа.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира