Ќе се прави анализа како да се отстранат бродовите во реката Вардар. Градоначалникот Петре Шилегов дал наредба на службите во Град Скопје да се направи анализа како да се отстранат галиите кои што сега работат како ресторани, а кои ги постави ексградоначалникот Коце Трајановски.
„Бродовите во Вардар се водат како урбана опрема. Дадов налог да се направи анализа како да се отстранат со оглед дека две од нив веќе работат како угостителски објекти“, вели градоначалникот Шилегов.
Тој во четвртокот во интервју за ТВ 24 Вести изјави дека ако дојдат поголеми води, може да дојде до излевање на реката во Скопје. „Тие се небезбедни затоа што претставуваат определен вид брана во услови кога коритото на Вардар е проектирано за проточни води во наредните 100 години“, изјави градоначалникот Шилегов.
Одлуката за поставување на бродови во Вардар беше донесена во времето на ексградоналникот Коце Трајановски. Две од локациите за бродовите доби фирмата „Фаланга“ сопственост на Давор Андреески, а третата локации под концесија ја зема Стоjјан Филиповски, сопственик на ресторанот „Воденица“. Тие според договорот со Град Скопје требаше сами да ги изградат и да стопанисуваат со нив 10 години. Првата галија односно бродот „Ројал Македонија“ беше пуштен во употреба во јуни 2014 година. Бродот кој работи и како хотел на Филиповски почна со работа лани.
А. АНТЕВСКА