ГРАЃАНИТЕ СЕ ЖАЛАТ НА НЕПРИЈАТЕН МИРИС ПО ВЧЕРАШНИОТ ГОЛЕМ ПОЖАР ВО ТЕТОВО, МИНИСТЕРОТ НУРЕДИНИ ВЕЛИ ИМА САМО МАЛО ЗАГАДУВАЊЕ НА ВОЗДУХОТ 

    ГРАЃАНИТЕ СЕ ЖАЛАТ НА НЕПРИЈАТЕН МИРИС ПО ВЧЕРАШНИОТ ГОЛЕМ ПОЖАР ВО ТЕТОВО, МИНИСТЕРОТ НУРЕДИНИ ВЕЛИ ИМА САМО МАЛО ЗАГАДУВАЊЕ НА ВОЗДУХОТ И денеска од делови на складот уште по малку се издига сив чад.(Фото: СДК.МК)

    Ден после големиот пожар во Тетово во кој изгоре магацинскиот простор со градежен материјал и стиропор на фабриката „Пофикс“, во градот се чувствува тежок мирис на изгорена пластика. Тетовските пожарникари, потпомогнати од колегите од Скопје, Гостивар и Кавадарци, после повеќечасовна борба со огнената стихија, успеаа да го изгаснат пожарот, но и денес, од делови на складот уште по малку се издига сив чад. Граѓаните се загрижени, а министерот за животна средина Насер Нуредини и вицепремиерот Фатмир Битиќи, кои изутринава дојдоа на местото на пожарот, ги уверуваат дека во воздухот нема отровни материи.

    „За сега сé е под контрола, но уште ги чекаме извештаите за да дознаеме што горело. Податоци што ги имаме од мерната станица во Тетово покажува дека има мало зголемување на загадувањето, но за среќа тоа не е големо. Податоците од нашата веб-страна на секој час ги споделуваме, иако имавме проблеми со серверите. Ние сме константно во координација со градоначалникот и ги координираме сите мерки“, изјави министерот Насер Нуредини.

    Градоначалникот на Тетово Билал Касами исто така вели дека опасноста поминала и дека учениците треба денес да продолжат со наставата, откако вчера по избивањето на пожарот беше донесена одлука, поради загадениот воздух наставата да се прекине, а учениците да се упатат во своите домови.

    „Јас им препорачувам на сите родители дека децата треба да одат денеска на училиште. Тоа и го кажав утрово и на мојата сопруга. Имаше многу губење од наставата и не треба тоа да продолжи. Параметрите на загадувањето се во рамките на нормалата. Ние редовно ги следиме и тие ќе бидат објавени на веб страната од Општината“, вели градоначалникот Касами.

    И додека од централната и локалната власт ги убедуваат тетовци дека моменталната состојба со воздухот не е загрижувачка, експертите за јавно здравје пак посочуваат на опасностите кои настануваат при вакви согорување на опасни метали и пластика.

    „Параметрите, барем оние што ни се достапни, се мирни иако базата на податоци од Министерството за животна средина не функционира. Од оние податоци што ги знам, параметрите за аерозагадувањето на амбиенталниот воздух се мирни, но фактичката состојба ни покажува еден непријатен, надразнувачки мирис кој предизвикува кашлање и иритација на очите. Самото присуство на тој непријатен мирис претставува загрозување на јавното здравје. Според мое лично мислење и претпоставка, ова ме потсетува на емисии на гасови кои се испуштаат од некоја топилница, бидејќи кога гореше покривната конструкција покрај пластиката во неа има никел, кадмиум, олово, и други метали кои создаваат карактеристичен мирис како при заварување на метал. Најверојатно настанала хемиска реакција помеѓу никелот и јаглен моноксидот и се создале оксиди кои даваат ваков карактеристичен мирис. Ова е моја претпоставка, но повторувам, со самата ваква појава на непријатен мирис во воздухот имаме загрозување на јавното здравје. Препорачувам да не се излегува надвор од домот без некоја поголема потреба, а ако се излегува задолжително да се носи заштитна маска Н95“, вели д-р Ратко Давидовски од Центарот за јавно здравје.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира