ГРАНИЧНИОТ ПРЕМИН ЕВЗОНИ НАВЕЧЕР ЌЕ БИДЕ ЗАТВОРЕН ЗА ВЛЕЗ ВО ГРЦИЈА, БРЗИ ТЕСТОВИ ЗА КАМИОНЏИИТЕ ДО 18 ЧАСОТ

    ГРАНИЧНИОТ ПРЕМИН ЕВЗОНИ НАВЕЧЕР ЌЕ БИДЕ ЗАТВОРЕН ЗА ВЛЕЗ ВО ГРЦИЈА, БРЗИ ТЕСТОВИ ЗА КАМИОНЏИИТЕ ДО 18 ЧАСОТПревозниците реагираат дека со воведувањето на новата мерка се губи време, а со затворањето на границата навечер трпи економијата. (Фото: СДК.МК)

    Грчките власти од денеска воведоа нови мерки за заштита од коронавирусот, при што на граничниот премин Евзони на камионџиите ќе им се прават брзи ковид тестови. По вчерашните километарски колони со тешки товарни возила на македонска страна, денеска беше мирно. За влез во Грција беа забележливи десетици камиони и цистерни чии возачи чекаа да бидат тестирани.

    Оваа мерка, како што кажа командирката на граничниот премин „Богородица“ Јасминка Аврамска, важи од денес, при што влезот во Грција навечер нема да работи бидејки ќе нема здравствени тимови што ќе прават брзи ковид тестови.

    „Според информациите што ги добивме од колегите од грчка страна, Евзони за влез во Грција ќе биде отворен секој ден од 6 до 18 часот по македонско време. Во тој период, може да се помине грчката граница под услов возачот биде негативен на брзите тестови кои се бесплатни, а ќе се прават на самиот граничен премин за што имаат ангажирано здравствени екипи. За резултатите се чека од 10 до 15 минути. Камионџиите знаат дека треба да се пријават на граничниот портал и да добијат одобрување за влез и код за тестирање“, кажа Аврамска.

    На Богородица околу пладне поминаа едвај десетина камиони и цистерни кон Грција. Немаше задржувања. Тие реагираат дека со воведувањето на новата мерка се губи време, а со затворањето на Евзони за влез во ноќните часови трпи економијата.

    „Мислам дека не е потребно ова. Кога беше најголемиот пик со коронакризата не воведоа таква работа во интерес на економијата и транспортот. Сега, кога почна вакцинацијата, бараат тестови. Мора да се најде друг начин за побрз транспорт на стоките“, вели камионџија од Србија кој веќе е вакциниран против ковид-19.

    Од македонските гранични служби тврдат дека нема ограничување на бројката на камионџии кои можат да поминат во Грција преку Евозни во текот на еден ден. Граничниот премин и понатаму останува затворен за патен сообраќај со исклучок на грчките државјани.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира