ГРЕШАТ ОНИЕ КОИ НЕ САКААТ ДА СЕ ВАКЦИНИРААТ, ВЕЛИ ПЕНЗИОНИРАНИОТ РЕНТГЕНОЛОГ ВЕЉАНОВ НА СТАРТОТ НА КОВИД ИМУНИЗАЦИЈАТА ВО БИТОЛА

    ГРЕШАТ ОНИЕ КОИ НЕ САКААТ ДА СЕ ВАКЦИНИРААТ, ВЕЛИ ПЕНЗИОНИРАНИОТ РЕНТГЕНОЛОГ ВЕЉАНОВ НА СТАРТОТ НА КОВИД ИМУНИЗАЦИЈАТА ВО БИТОЛАД-р Димитар Вељанов денес беше меѓу првите битолчани кои се вакцинираа со кинеската вакцина на „Синофарм“. (Фото: СДК.МК)

    Димитар Вељанов, пензиониран доктор специјалист кој 35 години поминал на Одделението за рентген во Битола, денес беше меѓу првите битолчани кои се вакцинираа со кинеската вакцина на „Синофарм“ на Регионалениот пункт за вакцинација во Битола. Пунктот се наоѓа во спортската сала на Медицинското училиште каде започна масовната вакцинација на жители од пет пелагониски општини Битола, Прилеп, Демир Хисар, Крушево и Македонски Брод.

    „Вакцинацијата е неопходна за заштита на населението, победата над оваа пандемија, да има слободно движење на населението. Се вакцинирам зашто сакам да сум на нога здрав и жив. Апсолутна грешка е тоа што некои не сакаат да се вакцинираат, треба секој да се вакцинира, она што нуди здравствената наука добро е секој да ја претпочита“, рече д-р Вељанов.

    Меѓу првите што се вакцинираа во Битола беа повозрасни лица, кои на вакциналниот пункт дојдоа со придружба.

    „Се вакцинирав за да не се заразуваме. Не се движев многу меѓу луѓе изминатите месеци и дома со маска си седам“, рече Даница Христовска од Битола.

    До петок веќе се распределени на дневна основа по 950 термини за вакцинирање, според возраста. Во текот на оваа недела се вакцинираат лица од повозрасната популација, а во петок ќе се направи пресек и ќе се спушти старосната граница. (Фото: СДК.МК)

    Вакцинацијата започна нешто по десет часот, зашто тогаш беа закажани првите термини. Во Регионалниот пункт ангажирани се здравствени работници од Здравствениот дом во Битола и членови на Црвениот крст.

    „Околу 910 термини се закажани за денеска. До петок веќе се распределени на дневна основа по 950 термини за вакцинирање. Ова не е крајна информација, зашто во текот на деновиве според заинтересираноста на населението можат тие термини да се зголемуваат секој ден и да бидат различни бројките. 5.100 кинески вакцини стигнаа вчера и во текот на утрешниот ден според потрошувачката така и ќе се доставуваат новите вакцини“, рече Весна Спиркоска, директорка на Здравствениот дом во Битола.

    Ќе се вакцинираат оние граѓани кои се пријавиле на интернет страницата вакцинација.мк како и здравствени работници кои досега не примиле вакцини. Распоредот на термините оди според возраста. Во текот на оваа недела се вакцинираат лица од повозрасната популација, а во петок ќе се направи пресек и ќе се спушти старосната граница.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.


      ГЛАСНО - во САКАМДАКАЖАМ.МК пријавете проблеми во здравствениот систем


      Почитувани читатели, ни треба вашата помош за заедно да ги откриеме, истражиме и придонесеме за решение на какви било проблеми што го отежнуваат или оневозможуваат пристапот до квалитетна услуга во јавното здравство. Пишете ни за вашите проблеми со здравствените институции низ целата земја. Ви благодариме на довербата.

      Симнете ја мобилната апликација

      ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира