И НА ДЕЦАТА ОД КАРПОШ ИМ СЕ ПОВРЕДЕНИ ЧОВЕКОВИТЕ ПРАВА ОТИ НЕ  ОДАТ ВО ГРАДИНКА, ВЕЛИ ОПШТИНАТА ПО БАРАЊЕТО НА НАРОДНИОТ ПРАВОБРАНИТЕЛ ДА НЕ СЕ ОТПИШУВААТ ДЕЦА ОД ДРУГИ ОПШТИНИ

    И НА ДЕЦАТА ОД КАРПОШ ИМ СЕ ПОВРЕДЕНИ ЧОВЕКОВИТЕ ПРАВА ОТИ НЕ  ОДАТ ВО ГРАДИНКА, ВЕЛИ ОПШТИНАТА ПО БАРАЊЕТО НА НАРОДНИОТ ПРАВОБРАНИТЕЛ ДА НЕ СЕ ОТПИШУВААТ ДЕЦА ОД ДРУГИ ОПШТИНИВо Карпош 306 деца се на листа на чекање за упис во градинка. (Фото: Општина Карпош)

    Народниот правобранител достави барње до градоначалникот на Општина Карпош Стевчо Јакимовски да ја повлече одлуката за отпишување од градинките на децата кои не се жители на Карпош. Со оваа одлука се повредени правата на децата и се постапува спротивно од Уставот, велат од канцеларијата на Народниот правобранител,.

    „По донесената Одлука на Советот на Општината, согласно која, сите деца кои се запишани во детските градинки на територија на општина Карпош, а со место на живеење не се во оваа општина, да бидат отпишани  од градинките најдоцна до 10 јуни 2022 година, Народниот правобранител достави Укажување до градоначалникот на Општина Карпош и до претседателот на Советот на Општина Карпош, за констатирана повреда на правата на децата згрижени во детските градинки во општина Карпош. Укажуваме дека со донесената Одлука се врши повреда на правата на децата, им се наштетува на овие деца и се постапува спротивно на најдобриот интерес на децата загарантиран со Конвенција за правата на детето и со Законот за заштита на детето, а воедно се постапува и спротивно на Уставот на Република Северна Македонија, и побара отстранување на констатираната повреда“, се вели во укажувањето од Народниот правобранител до градоначалникот Јакимовски.

    Од Општина Карпош, пак, и по укажувањето не отстапуваат од одлуката за отпишување на децата кои не се нивни жители. Велат, договорите на директорките за прием на деца од други општини се незаконски, бидејќи и претходно имало одлука за реонизација во градинки и училишта на територија на Општина Карпош, а истата не била почитувана. Таа одлуката била донесена од Советот на Општината, потпишана од градоначалникот и објавена во Службен весник е со тоа е сила на закон.

    „Што се однесува до човековите права, Општина Карпош сака да стави до знаење дека и децата од нашата општина имаат право да бидат опфатени со системот за детска заштита, а не да седат дома и да ги гледаат градинките преку прозор во кои се згрижени, воспитувани и образувани деца чии родители не се даночни обврзници на Општина Карпош“, велат од Општина Карпош.

    Во Општина Карпош 306 деца се на листа на чекање и не можат да се запишат во градинка бидејќи нема место. Градоначалникот Јакимовски вели дека 200 деца од други општини ги држат местата на децата од Карпош и затоа тој мора да ги решава проблемите на граѓаните кои го избрале на оваа функција.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира