Паркинг простор во строгиот центар на Скопје стана и делот под Камениот мост. Паркирани коли секој ден стојат под мостот и никој не ги казнува. Возила се наредени не само под мостот туку долж пешачката патека на кејот на реката Вардар сѐ до зградата на Македонскиот народен театар.
Ваката слика е секојдневие во овој дел од градот, а досега неколку паркирани коли завршија и во реката Вардар, меѓу кои и на актерката Весна Петрушевска.
Град Скопје лани неколку пати имаше акција со пајак службата за подигнување на паркирани коли под мостот Гоце Делчев, но и понатаму коли слободно си стојат долж кејот.
Од Град Скопје велат дека ќе постават столпчиња за да се спречи влез на возила на кејот и под Камениот мост.
А. АНТЕВСКА