ИЛИ СЕ СЕЛИМЕ ИЛИ ЖИВИ ГОРИМЕ, РЕКОА БИТОЛЧАНИ НА ПРОТЕСТОТ „КОРУПЦИЈАТА УБИВА“ ЗА ТРАГЕДИЈАТА ВО КОЧАНИ

    ИЛИ СЕ СЕЛИМЕ ИЛИ ЖИВИ ГОРИМЕ, РЕКОА БИТОЛЧАНИ НА ПРОТЕСТОТ „КОРУПЦИЈАТА УБИВА“ ЗА ТРАГЕДИЈАТА ВО КОЧАНИДржавата и институциите потфрлија и се корумпирани, а тоа младите го платија со своите животи, рекоа на протестот во Битола. (Фото: СДК.МК)

    „Не умиравме од несреќи, умираме од корпуција“, „Или се селиме или живи гориме“, „Нема повеќе молк, бараме правда“, беа само дел од паролите на протестниот марш „Корупцијата убива“ низ Широк Сокак во Битола за спомен на 59 жртви во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани ма 16 март. На протестот беше изразена голема разочараност од државата и институциите за кои присутните рекоа дека потфрлија и дека се корумпирани, а тоа младите го платија со своите животи.

    „Македонија трагува, трагедија која нема да се заборави. Не смееме да дозволиме да се повтори. Деца умираат. Луѓе страдаат и бараат лек. Здравството ужасно, а возилата за Итна медицинска помош се бројат на прсти. Институциите потфрлија, дозволија во штала живи да горат деца, да гори младината и иднината на државата. Корупцијата владее, додека оние кои треба да нѐ штитат и сме ги гласале за подобро утре трошат илјадници евра, пари на граѓаните за да летаат со скапи авиони, додека ние се молиме да пристигне амбуланта зашто наместо вложување во здравството вложуваме во политичарите, во нивната царска исхрана и нивните патувања. Сите си одат, а оние кои останавме тука, умираме еден по еден бидејќи државата нѐ заборавила, ја заборавивте младината и иднината“, рече во говорот Леонардо Соколов.

    Протестниот марш на кој учествуваа илјадници битолчани започна од плоштадот Магнолија, низ Широк Сокак до Офицерскиот дом, каде во воздухот беа пуштени 59 балони за помен на младите починати во пожарот. Учесниците на маршот побараа правда и да се искорени корупцијата од институциите.

    Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска кажа дека е уапсено лицето кое издало и потпишало проект дека дискотеката „Пулс“ во Кочани, ги исполнува сите потребни услови за да добие лиценца за работа, кажа . Лицето се терети за Тешки дела против општата сигурност во врска со предизвукување општа опасност. Во моментов, како што кажа министерот, одреден е 48-часовен притвор за 14 лица и тоа на 11 за сторено кривично дело Тешки дела против општата сигурност, предизвикување општа опасност, а на три лица за несовесно работење.

    Министерот кажа дека се идентификувани сите 59 загинати, повредени се вкупно 196 лица од кои 20 се деца, а 80-мина се транспортирани на лекување во странство.

    Тошковски кажа дека денеска се разрешени началници од Штип и Кочани за да се обезбеди независна истрага и на нивно место ќе бидат донесени началници од Скопје.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира