Приватните превозници доставиле пријави на огласот кој го распиша Град Скопје за нивно враќање во јавниот превоз. Град Скопје на 6 март распиша трет оглас, откако првите два беа неуспешни бидејќи никој од приватниците не се пријави.
Градоначалничката Данела Арсовска вчера, одговарајќи на новинарско прашање, рече дека на овој оглас стигнале пријави и дека наредната недела комисија од Град Скопје ќе ги разгледува.
Огласот е за истите линии кои беа дел од јавниот превоз пред Арсовска да се скара со приватниците. Ќе се вратат приватниците на линиите со број 9,11,11А,12,19,20,22,23,45,47А,52,54,55,61,63 и 73. Линиите се поделени во три пакети, за 115 автобуси и 245 возачи.
Oткако се скара со приватните превозници, градоначалничката Арсовска велеше дека тие не му требаат на јавниот превоз, дека ЈСП „Скопје“ има доволен капацитет и автобуси да ги замени овие линии и дека пари веќе нема да одат во приватни џебови. Но три месеци подоцна, градоначалничката објави оглас со кој сè се враќа по старо.
А. АНТЕВСКА