ИМАЛО И УШТЕ ЕДЕН ПОЖАР КОЈ ДОАЃАЛ ОД АВТОПАТОТ ВЕЛЕС-СКОПЈЕ, СВЕДОЧЕА ПОЖАРНИКАРИТЕ ВО ЧЕТВРТАТА ГОДИНА ОД СУДЕЊЕТО ЗА ПОЖАРОТ НА ЕЗЕРОТО МЛАДОСТ 

    ИМАЛО И УШТЕ ЕДЕН ПОЖАР КОЈ ДОАЃАЛ ОД АВТОПАТОТ ВЕЛЕС-СКОПЈЕ, СВЕДОЧЕА ПОЖАРНИКАРИТЕ ВО ЧЕТВРТАТА ГОДИНА ОД СУДЕЊЕТО ЗА ПОЖАРОТ НА ЕЗЕРОТО МЛАДОСТ Судењето за пожарот трае 4 години, а од годинава има нов судија кој го почна одново и во неколку рочишта остануваат за сослушување уште сведоците на одбраната. (Фото: СДК.МК)

    Сведочењето на пожарникарот Тони Цветков внесе нов момент во случајот со пожарот на Езерто Младост, кој се случи пред пет години. Цветков денеска, на судењето кое трае 4 години, кажа дека кога започнале да го локализираат огнот регистирале два пожара, еден кој се ширел од кај локацијата на објектот до надвозникот кај автопатот, за кој биле повикани, и еден кој доаѓал од кај автопатот Велес-Скопје.

    „Огнот го гаснеа вработените, видов дека дува ветер и побарав засилување оти имаше опасност огнот да се прошири. Беше до работ на шумата, над објектот, и пристапивме за гаснење. Пожарот навлегуваше во шумата, гореше сува трева не дрвја, огнот беше по земја, не крошните од дрвјата. Таму го сретнаваме шумарот Рамче, кој нè информираше дека од правец на автопатот се спушта друг пожар. Како навлегувавме во шумата се слушаа експлозии од куршуми или бомби. Друго лице кое било на бензинската на Симит петрол, подоцна ни кажа дека видел дека од автопатот се спушта друг пожар. Шумарот ни рече дека ќе се јави кај директорката на ШС Бабуна да побара помош. Кога се слушнаа експлозиите, побараа од нас, поточно наредија, дали командирот или од полиција, да се повлечеме оти имаше опасност по живот. Потоа, двата пожара, овој од долу од кај објектот и тој одозгора од кај автопатот, се споија и продолжи огнот да зафаќа површини по патот за накај Езеро Младост, по кривините. Потоа добивме наредба да заминеме за пожар кај село Војница, оти тука веќе имаше доста доброволци, луѓе кои помагаа да се локализира“, кажа пожарникарот Цветков.

    Цветков илустрира дека двата пожара биле на дијагонално растојание од 70 до 100 метри. На инсистирање од обвинителката Анастасија Миланова, дали можеби е ист пожар од различни страни, Цветков беше дециден дека се различни.

    „Тоа беа два огна, тој што идеше одозгора од кај автопатот беше по крошни од дрва, овој што беше регистриран од долу од кај објектот беше по земја, гореше сува трева, немаше зафатено дрвја“, рече Цветков.

    Оваа негова изјава за два пожара беше потврдена и од друг сведок, пожарникарот Роберто Шакиров, кој посочи дека видел како од кај автопатот Велес-Скопје се спушта голем пожар.

    Судењето за овој предмет во Основен суд Велес трае четири години, со тоа што до почетокот на годинава беше кај судијката Габриела Гајдова, која замина во Апелација Скопје, го наследи судијата Бојанчо Донев. Тој го почна одново и во неколку рочишта остануваат за сослушување уште сведоците на одбраната.

    Обвинетите за пожарот кој на 26 август 2019 ја зафати околината на велешкото Езеро Младост, Тасе Илиевски, Марјaн Ангелов и фирмата „Реал градба“ која ги ангажирала лицата, не се чувствуваат виновни. Ова тие го кажаа на 18 февруари 2020, на почетокот од судскиот процес во Основен суд Велес. Тие се обвинети за „Тешки дела против општата сигурност“ и дека делото предизвикување општа опасност, го сториле со умисла.

    Обвинителството ги товари дека при работите не презеле доволно мерки согласно правилникот за работа, па од искри исфрлени од апарат за брусење пламнал пожар кој ја зафатил околината на езерото. Од искрите се запалила околната тревна површина, а пожарот потоа неконтролирано се проширил и добил големи размери, при што била опожарена и поголема шумска површина.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира