ИНФЕКЦИЈАТА КАЈ ДЕЦАТА ОД ГЕВГЕЛИЈА Е РЕЗУЛТАТ НА ЗАСПАНИОТ ИМУНОЛОШКИ СИСТЕМ ПОРАДИ РЕСТРИКЦИИТЕ, ВЕЛИ Д-Р СОФИЈАНОВА

    ИНФЕКЦИЈАТА КАЈ ДЕЦАТА ОД ГЕВГЕЛИЈА Е РЕЗУЛТАТ НА ЗАСПАНИОТ ИМУНОЛОШКИ СИСТЕМ ПОРАДИ РЕСТРИКЦИИТЕ, ВЕЛИ Д-Р СОФИЈАНОВА„Нема потреба од паника“, вели Софијанова, која заедно со тим од пулмолози од Универзитетската клиника беше во Гевгелиската болница за да ги испитаат случаите. (Фото: СДК.МК)

    Инфекцијата на дишните патишта што се појави кај децата во Гевгелија според нашите сознанија е резултат на заспаниот имунолошки систем, кој со раздвижувањето сега ja покажува истата патологија што ја гледавме во февруари и март годинава, вели директорката на Клиниката за детски болести д-р Аспазија Софијанова.

    „Нема потреба од паника“, потенцира Софијанова, која заедно со тим од пулмолози од Универзитетската клиника беше во Гевгелиската болница за да ги испитаат случаите.

    Изминатиов месец околу 50-тина деца се евидентирани со заболувања на дишните патишта во Гевгелиската болница, проследени со бронхопневмонија. Дел од нив биле и на кислородна поддршка, но се стабилни. Кај сите деца се направени брзи и ПЦР тестови, но сите биле негативни на ковид-19.

    Во моментов во Болницата се хоспитализирани две бебиња, а 20-тина деца на возраст од 2 до 5 години се водат како на дневна болница.

    Експертите од Клиниката ги прегледаа дечињата што доаѓаа на дневен престој, но и двете хоспитализирани бебиња. Паралелно се изврши увид и во документацијата на останатите 50-тина деца кои во изминатиов месец се пожалиле на висока температура и потешкотии во дишењето.

    „Дополнителни резултати се земени од наша страна.  На нашата Клиника ќе бидат доелаборирани антителата за евентуална постковид реакција, она што ние го велиме серологија, д-димери и дополнителна палета на респираторен панел, за да направиме јасна дистинкција за што станува збор. Лично по нашите искуства сметаме дека заспаниот имун систем кај децата укажа дека со раздвижувањето и во затворен простор како што се градинките, доведе до тоа, она што се гледаше во февруари и март и што беше нормална патологија, сега да го видиме, не само во Гевгелија туку и во останатите градови“, кажа Софијанова, додавајќи дека вечерва ќе се знаат резултатите од дополнителните испитувања.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира