ИСТИ АДВОКАТИ СО ИДЕНТИЧНИ НАОДИ ОД ВЕШТИ ЛИЦА ПОДНЕСУВААТ ТУЖБИ ДО ГРАД СКОПЈЕ ЗА ОБЕСШТЕТУВАЊЕ ЗА КАСНУВАЊЕ ОД КУЧЕ

    ИСТИ АДВОКАТИ СО ИДЕНТИЧНИ НАОДИ ОД ВЕШТИ ЛИЦА ПОДНЕСУВААТ ТУЖБИ ДО ГРАД СКОПЈЕ ЗА ОБЕСШТЕТУВАЊЕ ЗА КАСНУВАЊЕ ОД КУЧЕЕдни исти лица во Град Скопје и по неколку пати пријавуваат каснување. (Фото: СДК.МК)

    Од неколку исти адвокати најчесто стигнуваат тужбите до Град Скопје за граѓани каснати од куче. На прашањата на САКАМДАКАЖАМ.МК дали имаат сомнежи за постење на коруптивна спрега и лажни пријави за каснување од куче, од Град Скопје велат дека тужбите најчесто се поднесени од адвокат Дејан Славковски, адвокатско друштво Андоновски и Саздов, адвокат Маја Саздова.

    Од Градот велат дека немаат докази, но граѓани им кажуваат дека адвокатите сами им се јавуваат откако ќе бидат каснати од куче.

    Од искази на странки кои доаѓаат во просториите на Град Скопје за потпис на спогодби, дознаваме дека веднаш по пријава на штетниот настан во Министерството за внатрешни работи им се јавуваат адвокати за што ние како институција немаме докази. Исто така, воочено е дека гореспоменатите адвокати постојано соработуваат со исти вешти лица. Во тек на главна расправа на прашања од полномошниците на Град Скопје и ЈП Лајка’ дознаваме дека странките воопшто не одат на преглед кај вештото лице, туку тие вештиот наод и мислење го добиваат исклучиво врз поднесена медицинска документација, па оттука и сите наоди и вешти мислења се скоро идентични“, велат од Град Скопје.

    Согласно евиденцијата на Секторот за правни работи на Град Скопје, пред Основниот граѓански суд во текот на 2023 година заведени се 404 тужби, а од почетокот на годинава до денеска заведени се 243 тужби со основ надомест на штета предизвикана од угриз на куче скитник. Едни исти лица и понеколку пати пријавуваат каснување.

    Од досега добиените тужбени барања, утврдено е дека има случаи каде едно исто лице е каснато повеќе од еднаш. Се работи за десетина случаи со две или три тужби“, додаваат од Град Скопје.

    Откако во истражувањето на САКАМДАКАЖАМ.МК во рамките на алатката Пријави корупција, беа пријавени сомнежи и случаи за коруптивна спрега во неколку градови во државата, Обвинителството ги повика Општините сите сомнежи да ги пријават кај нив.

    Од Обвинителството велат дека досега ниту една Општина не поднела ваква пријава. Нема пријави иако, на пример, и градоначалниот на Велес Марко Колев и советникот и заменик-градоначалник на Битола Бојан Бојковски јавно на седница на општинските Совети изразија сомнежи за коруптивни спреги за обесштетувањата за кои годишно од буџетите на Општините се одлеваат стотици илјади евра.

    Обвинителството дури и ги едуцира граѓаните, надлежните инспекторати и Oпштините, како да ги именуваат кривичните пријави што би ги поднеле, за да не остане само за сомнеж, туку обвинителите да проверат, истражат.

    Во описот на овие сомнителни дејствија што ги наведувате, би можеле да бидат опфатени елементи на фалсификување службена исправа во форма на медицински потврди и други документи потребни да се обезбеди надоместот, како и одредени измамнички дејствија кои претставуваат кривични дела и за кои надлежните јавни обвинителства би можеле да постапуваат и да преземат кривичен прогон кон евентуалните сторители“, упатува Обвинителството.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира