Воведување систем пар-непар за возење, забрана за движење на возила кои се без катализатори за издувни гасови, бесплатен градски превоз цела зима, зголемен број на инспекции, обезбедување на бесплатен огрев за граѓаните кои се греат на гуми, како и привремена забрана за работа на сите индустриските капацитети за кои има сомнеж дека загадуваат, се дел од 17-те барања што беа испорачани до градската и централната власт на вечерашниот протестен марш против енормното загадување на воздухот во Скопје.
Демонстрантите, многумина со заштитни маски на лицето и со велосипеди, маршираа од Градското собрание до Владата. Граѓанските активисти истакнаа дека загадениот воздух веќе е елементарна непогода и побараа воведувањето итни мерки да биде приоритет на власта место градењето панорамско тркало. Најавија дека по празниците повторно ќе излезат на протеста и дека преку петиција ќе поднесат колективна тужба за надлежните кои не превземаат мерки и покрај високото ниво на загадување.
М. И. ПАЧЕМСКА