Инспекторите на Град Скопје досега казниле стотина граѓани за фрлање на ѓубре после 22 часот. Како што велат од Град Скопје, покрај граѓани казнети се и десетина фирми, а изречени се и стотина опомени. Казната е 50 евра, а воведена е со забраната за фрлање комунален отпад во контејнерите во периодот од 22 часот до 6 часот донесена на 14 ноември 2025.
„Во периодот од 18 ноември 2025 до крајот на март 2026 врз основа на непочитување на забраната за фрлање комунален отпад од 22 до 6 часот, од изречени казни во буџетот на Град Скопје се слеани 133.300 денари (над 2.000 евра; – н. з.). Оваа забрана во значителна мерка ја подобри хигиената во главниот град и делуваше позитивно на начинот на постапување со отпад на жителите на градот“, велат од Град Скопје.
Од Градот велат дека Инспекторатот планира да ја продолжи истата динамика на работа, односно редовни дежурства во три смени и зачестени контроли на критичните локации. Дополнително се планира поставување видеонадзор на критични позиции во градот.
„По сите основи за почитување на комуналниот ред, во периодот од 18 ноември 2025 до крајот на март 2026 врз основа на несоодветно фрлање комунален отпад Инспекторатот на Град Скопје има изречено над 200 глоби на физички лица и над 20 глоби на правно лице. По основа на овие изречени казни во буџетот на Град Скопје до овој момент, се слеани 531.960 денари (над 8.600 евра – н. з.)“, додаваат од Град Скопје.
Советот на Град Скопје на 8 април донесе одлука сите кафулињата, маркетите и другите фирми во градот да си постават посебни контејнери за фрлање ѓубре, за да не ги затрупуваат контејнерите за домаќинставата. Од Град Скопје не одговорија колку угостителски објекти досега склучиле договор со ЈП „Комунална хигиена“.
А. АНТЕВСКА



