ИЗГАСНАТИ ДВАТА ПОДМЕТНАТИ ПОЖАРИ ВО ДЕПОНИЈАТА БУКОВО КАЈ ОХРИД, ОСТАНА НЕПОДНОСЛИВАТА РЕА, НИКОЈ НЕ Е КАЗНЕТ

    ИЗГАСНАТИ ДВАТА ПОДМЕТНАТИ ПОЖАРИ ВО ДЕПОНИЈАТА БУКОВО КАЈ ОХРИД, ОСТАНА НЕПОДНОСЛИВАТА РЕА, НИКОЈ НЕ Е КАЗНЕТДепонијата Буково гори секоја година, посебно во лето,  а најчесто се работи за намерно потпалување. (Фото: СДК.МК)

    Изгаснат е огнот во депонијата Буково кај Охрид, кој веќе неколку дена предизвикува чад и неподнослива смрдеа. Екипите на ЈП „Охридски комуналец“ заедно со Противпожарните единици на Охрид и Ресен во неколку наврати интервенирале на терен за да ги изгаснат опожарените површини.

    „Во саботата во попладневните часови од страна на непознато лице е подметнат пожар на депонија Буково. Екипите на ЈП ‘Охридски комуналец’ веднаш излегоа на терен и ги презедоа сите неопходни мерки за локализирање и гаснење на истиот и нормализирање на состојбата во соработка со екипите на ППЕ од Охрид и Ресен. Истиот ден пожарот беше стабилизиран и изолиран. Два дена потоа, исто така беше подметнат друг пожар на сосема друга страна од депонијата Буково. И за двата случаи беше поднесена пријава до СВР-Охрид од наша страна за подметнат пожар од непознат сторител“, велат од „Охридски комуналец“.

    Оттаму додаваат дека депонијата била третирана со алги заради задушување на пожарот, а со специјална механизација делот од депонијата кој e зафатен со пожар се покрива со големи количини земја.

    Депонијата Буково гори секоја година, посебно во лето,  а најчесто се работи за намерно потпалување. Густиот чад и неподносливата миризба ги вознемирува жителите на околните села кои често прават протести и блокади на патиштата и бараат итно затворање на депонијата. Досега никој не е фатен ни казнет.

    За спас од ѓубрето и загадувањето од честите палења на депониите се чека на најавената Регионална депонија, но изградбата сè уште не почнала. Министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова неодамна кажа дека нема проблем, но треба време институциите да се организираат, а Општините да се усогласат оти често, како што вели таа, немале исто мислење.

    Системот за управување со отпадот на новата регионална депонија предвидува и претоварни станици за отпад во Охрид, Дебар, Струга, Кичево, Прилеп и Битола, а ќе се формира и јавно меѓуопштинско претпријатие за транспорт и одлагање на сметот.

    „Во текот на вчерашниот ден присутни беа преставници од Министерството за животна средина, го разгледуваа местото каде би била претоварната станица за отпадот кој би се носел во Регионалната депонија. Ако се оди според планот, некаде на почеток на 2024 година би требало да ја завршиме целата работа за формирање на Регионално јавно претпријатие по што би започнала и изградбата на претоварните станици а со тоа и престанок на функционирање на постоечката депонија Буково која што дефинитивно создава проблеми. Очекувам за Охрид и за сите градови кои гравитираат тука што побрзо да почне да функционира таа Регионална депонија“, вели градоначалникот на Охрид Кирил Пецаков.

    Екологистите сметаат дека треба да се забрза процесот за изградба на современа регионална депонија со кој ќе се затворат сите депонии во Пелагонискиот и Југозападниот Плански Регион и со кој ќе се реши деценискиот проблем со загадувањето на животната средина, за кој критики има и од УНЕСКО.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира