ИЗРАЕЛЦИ СО САТЕЛИТ СНИМААТ КАДЕ ИСТЕКУВА ВОДА ЗА ПИЕЊЕ ВО СКОПЈЕ

    ИЗРАЕЛЦИ СО САТЕЛИТ СНИМААТ КАДЕ ИСТЕКУВА ВОДА ЗА ПИЕЊЕ ВО СКОПЈЕОд досегашните снимања лоцирани се 237 локации каде има истекување и кои како што велат од ЈП„Водовод и канализација“ во наредниот период ќе се санираат.- Архивска фотографија од менување цевка (Фото: СДК.МК)

    Со сателит, израелска фирма две недели снима каде истекува водата од цевките од водоводната мрежа во Скопје. Од досегашните снимања лоцирани се 237 локации каде има истекување и кои како што велат од ЈП „Водовод и канализација“ во наредниот период ќе се санираат.

    „Од последните истражувања и анализи кои ги имаме направено покажуваат дека загубата на вода во Скопје изнесува околу 50 отсто, дел од загубата е реална односно 15 отсто е од наводнување зелени површини, чистењето на улиците, јавните хидранти, јавните чешми. Она што нас не загрижува е проблемот во цевководниот систем односно проблеми кои не се видливи со голо око а кои претставуваа техничка загуба на питката вода кои се околу 35 отсто. Затоа пред еден месец склучивме договор со израелската фирма ’Јутилис‘ специјализирана за сателитско снимање и мапирање на сите дефекти. Целта ни е да ги намалиме загубите на 20 отсто“, вели директорот на ЈП „Водовод и канализација“ Душко Весковски.

    Основачот и технички директор на компанијата „Јутилис“ Лорен Гај кажа дека снимките се прават со сателити од вселената без воопшто да се стапнува на местото каде се вршат истражувањата.

    „Последнава година вршевме истражувања во 27 земји и премеривме преку 200.000 километри водоводни цевки и најдовме губиток на вода во многу од нив. Сателитска технологија која гледа низ почвата, откако ќе го идентификуваме местото каде има течење. Го скенираме многу брзо и точно ја утврдуваме локацијата. Брзо и ефикасно се решава проблемот“, рече директорот на израелската компанијата Лорен Гај.

    Процесот на снимање е поделен во две фази. Првата фаза чини 2,5 милиони денари, а втората фаза 3,5 милиони денари. Комплетното скенирање ќе заврши за месец и половина.

    А. АНТЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари