ЈАКОВ АРОЕСТИ, КОЈ ГО ПРЕЖИВЕАЛ ХОЛОКАУСТОТ, ЈА НАПРAВИЛ ЗБИРКАТА ЗА БИТОЛСКИТЕ ЕВРЕИ ВО АРХИВОТ

    ЈАКОВ АРОЕСТИ, КОЈ ГО ПРЕЖИВЕАЛ ХОЛОКАУСТОТ, ЈА НАПРAВИЛ ЗБИРКАТА ЗА БИТОЛСКИТЕ ЕВРЕИ ВО АРХИВОТЈаков Ароести (најдесно) со вработените пред зградата на тогашниот Архив во Битола. (Фото Историски архив-Битола)

    По повод 27 Јануари, Меѓународниот ден на сеќавање на Холокаустот, од Државниот архив во во Битола соопштија дека токму битолски Евреин кој го преживеал холокаустот го собрал и најзначајниот материјал за битолските Евреи во Архивот. Станува збор за Јаков Ароести, кој ја избегнал мрачната судбина на најголемиот број негови сограѓани Евреи, успеал да се спаси пред депортацијата, по што крајот на војната го дочекал во разни логори низ Албанија.

    „Од таму се вратил во Битола, каде што живеел до 1948 година. Во периодот од 1948 до 1957 година живее во Израел, но повторно се вратил во неговиот роден град каде што бил ангажиран од Историскиот архив, со цел да води евиденција за неговите сограѓани кои никогаш повеќе не се вратиле во својот град. Имал јака меморија и успеал да евидентира нешто повеќе од 900 еврејски фамилии со нивните адреси, професии, а собрал и нешто повеќе од 1.200 фотографии. Неговата оставштина во Битолскиот архив денес е заведена под број 750 Збирка ‘Битолски Евреи’ и е најзначаен материјал во колективната меморија на битолчани за нивните некогашни сограѓани“, соопшти Архивот во Битола.

    Ароести имал јака меморија и успеал да евидентира нешто повеќе од 900 еврејски фамилии со нивните адреси, професии, а собрал и нешто повеќе од 1.200 фотографии. (Фото: Историски архив-Битола)

    Во 1941, бугарското Собрание ја изгласа одлуката Бугарија да се приклучи на фашистичката оска на чело со Германија, и како сојузничка сила ја окупира Македонија која тогаш беше дел од Кралството Југославија. Бугарската власт вршела постојан прогон врз антифашистички настроените како и погроми врз цивилното население, а во март 1943 депортираше 7.762 Евреи од Македонија во концентрациониот логор Треблинка, каде сите се убиени.

    На 11 март 1943, 98 проценти од Евреите во Македонија се собрани во скопскиот Монопол, најголемиот број од Битола, Штип и Скопје и испратени во концентарцискиот логор Треблинка каде се убиени во гасни комори. Според податоците од Еврејската заедница во Македонија, денес во земјава живеат само околу 200 Евреи. Во знак на сеќавање на депортираните македонски Евреи, во март 2011 година во Скопје беше отворен Меморијалниот центар на жртвите на холокаустот, кој е еден од четирите такви во светот, покрај центрите во Израел, Германија и во САД.

    Генералното собрание на Обединетите Нации во 2005 година одлучи да им се оддава почит на жртвите на холокаустот на 27 јануари, датумот кога пред 77 години престана да функционира нацистичкиот концентрациски логор Аушвиц. Во резолуцијата на Светската организација со која се прогласува за Меѓународниот ден на холокаустот, се повикува на почит и спомен на жртвите на холокаустот и на изработка и реализација на образовни програми со цел ваквите настани од историјата никогаш да не се повторат.

    На 27 јануари 1945 година Црвената армија на Советскиот Сојуз пристигна во Аушвиц. Тие наидоа на неколку илјади останати затвореници во кампот, кој беше делумно разурнат од Германците кои се повлекуваа. Преживеаните и материјалните докази укажуваа на масовните убиства кои се одвивале во Аушвиц. Околу 90 отсто од жртвите во најголемиот концентрациски логор на Третиот Рајх беа Евреи. Холокаустот беше систематски прогон и убивање на Евреите, Ромите, Словените,… спонзориран од нацистичкиот режим во Германија преку спроведување на идеологија дека Германците се супериорни, а другите народи се инфериорна раса и нивниот живот не е вреден.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира