Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ догодина ќе добие 12 милиони евра субвенции од Град Скопје за да може нормално да работи. Со буџетот за 2023 се предвидени 130 милиони денари или 2,1 милион евра за бесплатен превоз на пензионери и студенти, 550 милиони денари или 8,9 милиони евра за нормално работење и еден милоион евра за системот за интелигентна наплата.
„Согласно препораките на Меѓународната асоцијација за патен транспорт (ИРУ), како и Меѓународната асоцијација за јавен транспорт (УИТП), Советот на Градот Скопје уште во 2008 година започна да го субвенционира Јавното сообраќајно претпријатие. Изминатиов период цената на нафтата, која е основен енергенс и најголем материјален трошок на претпријатието, драстично се зголеми со што дополнително се зголемија трошоците и се загрози нормалното функционирање на ЈСП . Со цел надминување на ваквите состојби и подобрување на квалитетот на јавниот превоз на поширокото подрачје на Град Скопје предвидени се субвенции“, се вели во образложението на одлуката предложена од градоначалничката Данела Арсовска.
Во одлуката не се предвидени пари за субвенционирање и реализација на ветувањето на Арсовска за воведување на бесплатен превоз за сите граѓани.
А. АНТЕВСКА