ЈСП „Скопје“ објави оглас за вработување на возачи. На веб страната на јавното претпријатие објавен е огласот за вработување, но во него не стои колку лица ќе се вработат.
Од ЈСП „Скопје“ не одговорија на нашите прашања колку возачи ќе се вработуваат и со каков договор ќе бидат вработени.
Според огласот се бара кандидатите да имаат минимум завршено средно образование (IV степен), возачка дозвола Д категорија, работно искуство од минимум 2 години, флексибилност за работа во смени и професионално однесување. Кандидатите треба да достават и доказ дека со правосилна судска пресуда да не му е изречена казна забрана за вршење на професија, дејност или должност.
Од синдикатот на ЈСП велат дека потребно е вработување на возачи бидејќи голем дел се заминати да работат во странство.
„Денеска од колегите дознав дека е објавен оглас. Не знаеме колку лица ќе се вработуваат, но потребни се најмалку 100 возачи. Пред ковид-19 пандемијата околу 70 возачи заминаа во Малта, Германија и други европски држави за подобри плати. Сега има некои најави дека ќе има нов бран на заминувања од претпријатието во странски фирми кои нудат подобри услови“, вели Миќо Стојановски претседател на синдикатот на ЈСП при Сојузот на синдикати на Македонија.
ЈСП со години е во тешка финансиска состојба. За да може да подели плата Град Скопје му префрла пари односно секоја година му доделува субвенции заради потешкотии во работењето.
Лани за прв пат во историјата на Град Скопје возачите престанаа да возат и главниот град еден ден беше без јавен превоз оти не им беше исплатена плата.
А. АНТЕВСКА