ЈСП „СКОПЈЕ“ СКЛУЧИ ДОГОВОР ОД 2,3 МИЛИОНИ ЕВРА ЗА ЕЛЕКТРОНСКА НАПЛАТА НА БИЛЕТИ И АВТОМАТСКА ЛОКАЦИЈА НА АВТОБУСИТЕ

    ЈСП „СКОПЈЕ“ СКЛУЧИ ДОГОВОР ОД 2,3 МИЛИОНИ ЕВРА ЗА ЕЛЕКТРОНСКА НАПЛАТА НА БИЛЕТИ И АВТОМАТСКА ЛОКАЦИЈА НА АВТОБУСИТЕФирмата „Аитоникс“, според одредбите од договорот објавен на страната на Бирото за јавни набавки, треба да го одржува и подобри системот за следење на автобусите и за плаќање билети со мобилен телефон.(Фото: К. Попов)

    ЈСП „Скопје“ склучи нов договор за надградба на системот за автоматска локација на автобусите и за евиденција на патници во реално време, Договорот во висина од 2,3 милиони евра е склучен со друштвото за производство, трговија и услуги „Аитоникс“ од Скопје и е во траење од две години.

    Фирмата „Аитоникс“, според одредбите од договорот објавен на страната на Бирото за јавни набавки, треба да го одржува и подобри системот за следење на автобусите и плаќање билети со мобилен телефон.

    „Фирмата треба да обезбеди и одржува комуникациска инфраструктура и е-калуд платформа за непречено, стабилно и постојано функционирање на системот за контрола и управување на јавниот превоз и електронска наплата на билети, со вклучена поддршка за плаќање со мобилен телефон во период од две години. Исто така, треба да изврши надградба на постоечкиот систем за контрола и управување со јавниот превоз и системот за електронска наплата на билети“, стои во договорот, склучен минатиот месец.

    Во дел од автобусите од јавниот превоз во Скопје од минатиот месец не работат валидаторите и граѓаните не можат да платат билет. Не може да се плати со картичката „Скопска“, ниту со мобилен телефон. Од ЈСП „Скопје“ тогаш рекоа дека се врши надградба на системот за наплата.

    „Надградба се врши во изминативе неколку дена и поради тоа, регистрирани се инцидентни технички проблеми кај одреден број корисници при валидирање со мобилен телефон (185) или со мобилната апликација ‘Скопска‘“, рекоа од ЈСП „Скопје“.

    ЈСП „Скопје“ секоја година добива субвенции од Град Скопје за функционирање на АВЛ-системот и смарт тикетингот. Годинава за оваа намена се дадени еден милион евра.

    А. АНТЕВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира