ЈСП „СКОПЈЕ“ СО 4 МИЛИОНИ ЕВРА ЗАГУБА ПОРАДИ КОВИД-19, 62 ОТСТО ПОМАЛКУ ПАТНИЦИ ВО АВТОБУСИТЕ

    ЈСП „СКОПЈЕ“ СО 4 МИЛИОНИ ЕВРА ЗАГУБА ПОРАДИ КОВИД-19, 62 ОТСТО ПОМАЛКУ ПАТНИЦИ ВО АВТОБУСИТЕПо зголемениот број на нови случаи на ковид-19, министерот Венко Филипче најави дека ќе препорача до Владата да се ограничи капацитетот на јавниот превоз до 50 отсто.(Фото: К.Попов)

    За 62,5 отсто е намален бројот на патници во јавниот превоз од почетокот на пандемија на ковид-19 до сега. Од март до септември во автобусите на ЈСП „Скопје“ и на приватните превозници се возеле 12.064.455 патници, а истиот период лани бројот бил 32.148.854. Поради намалениот број на патници загубата на претпријатието досега е околу 4 милиони евра.

    Според бројот на валидации во месец март со јавен превоз се возеле 2.731.699 патници, а истиот месец во 2019 бројот бил 5.685.383. Најголем пад на бројот на патници има во април годинава и тоа за 88.5 отсто односно лани во април се автобус се возеле 5.237.154 патници, а годинива само 597.374. Големо намалување на бројот на патници има и во месеците мај, јуни, јули и август. Во септември во спроредба со другите месеци, најголем е бројот на граѓани кои користеле јавен превоз, но и таа бројка е за околу 50 отсто помала во споредба со истиот период лани.

    Број на валидации во автобусите на ЈСП „Скопје“ и приватните превозници

    Месец            2019                                   2020

    Март            5.685.383                            2.731.699

    Април          5.237.154                               597.374

    Мај               5.143.870                            1.064.518

    Јуни             4.260.896                             1.634.768

    Јули             3.946.298                             1.868.372

    Август          3.398.976                             1.783.904

    Септември  4.476.277                              2.383.820

    Вкупно        32.148.854                   12.064.455

     

    Во овој момент според препораките на Комисијата за заразни болести автобусите возат со капацитет од 75 отсто. Но, по зголемениот број на нови случаи на ковид-19, министерот Венко Филипче најави дека како дел од новите мерки ќе препорача до Владата да се ограничи капацитетот на јавниот превоз до 50 отсто.

    Градоначалникот Петре Шилегов вели дека ќе го адаптираат возниот ред на автобусите согласно препораките на Комисијата за заразни болести.

    Од пред десет дена пуштени во сообраќај беа повеќе автобуси и сега тие возат според летен делничен возен ред. И покрај поплаките на граѓаните дека долго чекаат автобус, градоначалникот Петре Шилегов изминативе 6 месеци велеше дека не може да се зголеми бројот на автобуси и да се врати вообичаениот возен ред бидејќи е намален бројот на патници и јавното сообраќајно претпријатие работи со загуба.

    А. АНТЕВСКА     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира