Сопствениците на кафулињата на Кеј 13 Ноември во строгиот центра на Скопје денеска почнаа сами да ги уриваат терасите заради реновирање на шеталиштето. Треба да ги отстранат објектите кои се наоѓаат буквално среде целото шеталиште, но и оние пред самите локали. Потоа Град Скопје ќе го реновира кејот, ќе се постави нов плочник, клупи, корпи, осветлување.
По завршување на градежните работи летни тераси нема да има во средина, но во договор со Градот ќе се дозволат плус 3,5 метри во делот пред локалите.
И по реконструкцијата низ кејот ќе минуваат коли, но градоначалникот Петре Шилегов тврди дека тоа ќе бидат многу мал број возила и ќе им биде дозволено движење само од 8 до 9 часот и од 14 до 17 часот.
„Кај хотелот ‘Холидеј ин‘ ќе имаме две бетонски бариери кои ќе спречат влез на возила освен во строго определен број, во строго определено време. Немам намера да дозволам за се потрошат 88 милиони денари, а за година и половина да имаме иста ваква ситуација. Ќе направам сè што е во моќ на Градот и во соработка со МВР да се спречи такво дивеење“, рече Шилегов на почетокот на реконструкцијата на кејот.
Реконструкцијата ќе трае 4 месеци.
А. АНТЕВСКА