Кардиологот и актуелен пратеник во Собранието Сашко Николов ќе биде кандидат на СДСМ за градоначалник на Штип на претстојните предвремени избори. Ова е одлучено на вечерашната онлајн седница на Извршниот одбор на партијата.
„Доктор Николов, докажан кардиохирург и врвен професионалец е дел од чесната понуда на СДСМ за предвремените локални избори, на кои СДСМ оди на победа. Николов во изминатите години стекна висок углед како млад и квалитетен кардиолог, основач на штипскиот Оддел за интервентна кардиологија“, се вели во партиското соопштение.
Николов, откако стана пратеник по парлементарните избори кои се одржаа во јули, за САКАМДАКАЖАМ.МК изјави дека ќе продолжи да работи во болницата. Тој во изминатите 3-4 години стекна углед во Источна Македонија како основач на штипскиот Оддел за интервентна кардиологија.
„Според законот, дозволено ми е 15 часа во неделата да бидам на работното место и да работам. Овде не се опфатени викендите, но со закажување јас сум сигурен дека ќе имам интервенции и во саботите и неделите“, изјави во август д-р Николов.
А. АНТЕВСКА