КАЗНЕТИ 16 ЗАГАДУВАЧИ НА ВОЗДУХОТ ЗА ПЕТ ДЕНА ВО СТРУМИЦА

    КАЗНЕТИ 16 ЗАГАДУВАЧИ НА ВОЗДУХОТ ЗА ПЕТ ДЕНА ВО СТРУМИЦА Од први ноември годинава, дневните концентрации на ПМ10 честичките во воздухот во Струмица постојано се над дозволеното (Фото: Општина Струмица)

    Струмичките инспекциски служби во првите пет дена од овој месец казниле 16 физички и правни лица кои директно или индиректно го загадувале амбиенталниот воздух. Во контролите биле вклучени општинскиот комунален инспектор со комуналните редари, но и инспекторите за животна средина и патен сообраќај кои вршеле контрола на законските прописи на согорувањето на цврсти и течни горива и палењето отпад на јавни површини.

    Според Општината, комуналниот инспектор има изречено четири прекршочни санкции откако при надзорот е констатирано палење комунален отпад, чие согорување директно придонесува за загадување на амбиенталниот воздух. Комуналните редари како дел од комуналната инспекција во 10 случаи констатирале прекршување на Законот за јавна чистота при што на десет физички лица им се изречени мандатни казни.

    Инспекторот за животна средина при Општината, во првите пет дена од месецов направил контрола на повеќе лица, при што кај едно констатирал прекршување на законот за управување со отпад бидејки користел старо масло од моторни возила како енергенс и му е изречена казна. Казна изрекол и овластениот инспектор по патен сообраќај, бидејќи едно лице кое врши автотакси превоз не ги исполнувало потребните минимум технички услови за вршење на дејноста.

    „Секое непочитување на законските прописи ќе биде најстрого санкционирано. Затоа, упатуваме апел до сите граѓани да ја почитуваат регулативата, но истовремено и да соработуваат со инспекциските служби со цел полесно откривање на прекршителите на законот, бидејки сите заедно имаме иста цел да ја зачуваме и унапредиме животната средина“, вели Ѓорги Бонев, раководител на одделението за инспекциски работи при Општина Струмица, кој најави засилени контроли и во престојниот период.

    Од први ноември годинава, дневните концентрации на ПМ10 честичките во воздухот во Струмица постојано се над дозволеното. Мерната станица за квалитетот на воздухот на Министерството за животна средина на дневна основа бележи од 60 до 90 милиграма ПМ10 честички, пред сè поради нивната зголемена концентрација во ноќните часови.

    Освен Министерството за животна средина, во Струмица своја мерна станица има поставено и Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, која покажува дека само на први и седми ноември имало ПМ10 честички над дозволената граница.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира