До крајот на нашиот мандат Скопје ќе биде најчисто во историјата на градот, вели директорот на ЈП „Комунална хигиена“ Зуди Енуз. Тој на прашањето на САКАМДАКАЖАМ.МК како е задоволен од хигиената низ градот и реакциите на граѓаните за преполни контејнери и валкани улици, вели дека откако е дојдено новото раководство во претпријатието и во Град Скопје се забележува значително подобрување.
„Не ми се допаѓа и не сум задоволен колку градот е чист, но видливо е дека има значително подобрување. Има моменти кога има преполни контејнери, но нашите екипи се постојано на терен и интервенираат, се праќа дежурно возило да го подигне сметот. Имаме план и стратегија како Скопје до крајот на нашиот мандат да го направиме најчисто во неговата историјата. Само 6 месеци сме на фунција и не можеме веднаш сè да средиме. Но, направивме многу за овој период. Ја ставивме во функција целата механизација за чистење и подигнување на смет, а претходно се работело само со 60 отсто од капацитетите. Еко-контролата е постојано на терен и се следи ситуацијата каде има полни контејнери и веднаш се реагира. Јас сум постојано на терен и гледам каде не е чисто“, вели директорот Енуз.
За решавање на грдата слика со преполни контејнери се планира поставување на полуподземни садови, со што нема да расфрла и развлекува ѓубре насекаде.
„Минатата недела со градоначалничката Данела Арсовска бевме во работна посета на турскиот град Конја, каде разменивме искуства и договоривме помош и во делот на хигиената. Ќе поставиме полуподземни контејнери и во сите ќе има ГПС уреди кои ќе покажуваат колку се полни. На тој начин службите компјутерски ќе пратат кој контејнер е речиси полн и веднаш ќе се оди да се празни. Нема да има преполнување“, додава Енуз.
Со доаѓањето на новото раководство променет е режимот на собирање ѓубре од куќите во Општина Карпош односно наместо попладне камионите минуваат наутро. Директорот објаснува дека тоа е направено бидејќи попладне има многу метеж во сообраќајот, па возилата со саати се движат низ улиците додека го соберат ѓубрето.
„Сите граѓани се навремено известени, им доставивме летоци, а објавивме и на нашата страна. Можеби некој не видел па затоа не ја изнесол кантата пред двор и нормално дека вработените не го подигнале ѓубрето бидејќи во дворовите не смеат да влегуваат“, вели директорот Зуди Енуз.
Во наредниот период се предвидува промена на режимот на собирање на ѓубрето и во Општина Ѓорче Петров.
А. АНТЕВСКА