ЌЕ ПОБЕДИМЕ И ВО ОВАА БИТКА СО КОРОНАВИРУСОТ, ВЕЛИ ДЕСЕТЧЛЕНИОТ МЕДИЦИНСКИ ТИМ ОД ВЕЛЕС ШТО ДОЈДЕ НА ПОМОШ ВО „8 СЕПТЕМВРИ“

    ЌЕ ПОБЕДИМЕ И ВО ОВАА БИТКА СО КОРОНАВИРУСОТ, ВЕЛИ ДЕСЕТЧЛЕНИОТ МЕДИЦИНСКИ ТИМ ОД ВЕЛЕС ШТО ДОЈДЕ НА ПОМОШ ВО „8 СЕПТЕМВРИ“Велешката болница и Болницата за белодробни заболувања во Јасеново во Градската општа болница „8 Септември“ во Скопје испратија вкупно осум медицински сестри и двајца медицински техничари; - Болницата во Јасеново. (Фото: СДК.МК)

    По петмина вработени од Велешката болница и од Болницата за белодробни заболувања во Јасеново, од вчера се помош за персоналот во Градската општа болница „8 Септември“ во Скопје. По барање на Министерството за здравство за помош од здравствени работници, двете велешки болници се одзваа со осум медицински сестри и двајца медицински техничари.

    „Поради ескалација на состојбата, јас и уште четворица мои колеги од Велешката болница во наредните две недели ќе имаме чест директно да се судриме со КОВИД-19 во ‘8 Септември’, а со тоа да помогнеме на нашите колеги во Скопје кои веќе се исцрпени. Ќе победиме и во оваа битка“, рече Ангел Драскачев од Велешката болница, кој е веќе во скафандер и работи со пациентите со коронавирусот од „8 Септември“.

    Претходно, тој заедно со Зоран Пановски иако беа дел од персоналот на Интерното, односно Хируршкото одделение, беа на помош во Инфективното одделение од Велешката болница.

    „Испратени се три медицински сестри и двајца медицински техничари, кои таму ќе престојуваат две седмици. Го почитувавме барањето да бидат стручни за работа во вакви услови, бидејќи сите работеа изминатиот период во Инфективното одделени од нашата болница“, рече директорот на Општа Болница Велес д-р Божидар Бојаџиев.

    Тој вели дека отсуството на овие пет лица нема да се одрази на работењето во болницата, иако дел од здравствениот персонал е на одмор и отсутен од работа. Поради замор на медицински работници од „8 Септември“, а и поради тоа што некои се изолирани поради контакт со заразени со коронавирусот и зголемениот обем на работа, Министерството за здравство реши да ги замени со персонал од здравствени институции од земјава. Освен петте од Велешката болница, исто толку медицински сестри заминаа од Болницата за белодробни заболувања од Јасеново, на помош на колешките во Скопје.

    „Помошта е потребна и ние веднаш позитивно одговоривме, таква е состојбата во борбата со коронавирусот. Иако за болницата петмина е висок број здравствени работници, тоа нема да се одрази на квалитетот на услугите кон пациентите“, кажа директорот на Болницата во Јасеново д-р Зоран Матев.

    Освен од Велес и Битола со по десет лица, на помош имаат испратено по седум медицински сестри од болниците во Кичево, Кочани, Кавадарци. Сите тие, околу четириесетина лица, сместени се во хотел за време на двонеделниот престој во Скопје.

    Денес на Инфективното одделение од Велешката болница, според портпаролот д-р Весна Николоска-Неделкова, има сместено 13 лица, од кои 10 се потврдено позитивни, а за три се чекаат резултати.

    П. ПЕЧКОВ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира