Ќе се намали цената на парното за компаниите и институциите во Скопје. Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) неделава ќе донесе нова цена на парното за компаниите поради намалување на цената на природниот гас.
Компаниите за топлинска енергија ЕСМ, ЕСМ Енергетика и Скопје Север веќе поднеле барање за корекција на цените. Длабинските анализи на Регулаторната комисија покажуваат дека поради намалената цена на природниот гас има услови да се донесе вонредна одлука за сметки за парно.
„Секогаш кога предусловите се исполнети, носиме одлуки во корист на потрошувачите. Во овој период, тимовите во Регулаторната комисија влегоа во длабински сеопфатни економско-технички анализи, а повод беше намалената цена на природниот гас. Во исто време добивме и барања од компаниите чии анализи исто така покажуваат дека може да се донесе поволна одлука. Клучно беше дали периодот на пониска цена на берзата е доволно долг за да има импакт врз крајната цена и резултатите да покажуваат дека ќе има предуслови за да се намали цената за училишта, компании, јавни институции. Тоа се корисници кои добиваат реални сметки односно без субвенции за разлика од домаќинствата“, вели Марко Бислимоски, претседател на РКЕ.
Дали домаќинствата ќе добиваат пониски сметки од следна грејна сезона ќе зависи од трендот, од цената на гасот на берзата, но и од тоа дали ќе продолжи субвенционирањето од државниот буџет.
Цената на парното греење во Скопје оваа грејна сезона се покачи за 4,51 отсто. Тоа, според пресметките на Регулаторната комисија за енергетика, значи дека просечната сметка од 1.800 денари беше зголемена за 80 денари.
А. АНТЕВСКА