ЌЕ СЕ ПРОДАВА ПОРАНЕШНИОТ ХОТЕЛ „ВИЛА ЗОРА“ ВО ВЕЛЕС

    ЌЕ СЕ ПРОДАВА ПОРАНЕШНИОТ ХОТЕЛ „ВИЛА ЗОРА“ ВО ВЕЛЕСПродажбата на објектот ќе биде по пат на електронско наддавање, одлучи Советот на Општина Велес. (Фото: СДК.МК)

    Донесена е одлука за продажба на поранешниот хотел Вила Зора, на делот кој е во сопственост на Општина Велес. Одлуката со мнозинство гласови ја донесоа советниците на последната седница. Почетната цена е одредена на 70,57 милиони денари, а на продажба се нудат 2.700 метри квадратни.

    „Објектот е на одлична местоположба, но подолго време не е во функција, времето го оштетува, прокиснува вода од покривот. Општината не е во состојба да се грижи за него, ниту да го стави во функција. Од друга страна, докажано е дека јавните институции се лоши стопанственици со имотот, приватниот сектор е подобар стопан. Имаше поединци од странство, кои без заинтересирани за него, но поради големата површина и нивните финансиски можности, се откажуваа од намерата да стапат во некакви облигациони односи со Општината“, кажа градоначалникот Аце Коцевски.

    Тој рече дека одлуката за продажба не е лесна ниту едноставна и би било добро објектот да се продаде, но не по секоја цена. А ако се продаде, заедно со советниците ќе се одлучи каде да се вложат средствата. Од советниците единствен за збор се јави Ангел Димов од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

    „Генерално сум против продажба на имот на Општината. Треба да се сторат напори објектот  да се пренамени во Пензионерски дом, за што и беше граден. Има стари лица од градот на кои им треба сместување и некој да се грижи за нив. Факт е дека тој е руиниран, за што вина носи локалната власт, што со години наназад не презела ништо да се сочува. Требаше да се проба со јавно-приватно партнерство. Сега ќе го продадеме Пензионерски, потоа следи зградата на Синдикатот. Зошто толку лесно се откажуваме од општинскиот имот?“, рече Димов.

    На ова реплицираше Марко Илиев, советник од СДСМ.

    „Колегите од сегашната опозиција, кои пред два мандати беа власт, тогаш донесоа одлука за подарување на поранешен хотел. Тогаш дадоа огромен објект без пари, а сега не се за продавање“, рече Илиев.

    Продажбата на објектот ќе биде по пат на електронско наддавање. Еден дел од објектот, кој беше во сопственост на државата, таа му го отстапи на користење на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ од Битола, кој тука го смести Техничко -технолошки факултет, со седиште во Велес.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира