ЌЕ СЕ САНИРААТ СКРШЕНИТЕ ДАСКИ И ОГРАДА НА МУЗЕЈОТ ВО ЗАЛИВОТ НА КОСКИТЕ ВО ОХРИД, НО НЕ ЦЕЛОСНО ОТИ НЕМА ДОВОЛНО ПАРИ

    ЌЕ СЕ САНИРААТ СКРШЕНИТЕ ДАСКИ И ОГРАДА НА МУЗЕЈОТ ВО ЗАЛИВОТ НА КОСКИТЕ ВО ОХРИД, НО НЕ ЦЕЛОСНО ОТИ НЕМА ДОВОЛНО ПАРИПокрај платформата и оградата, во лоша состојба е и дрвениот мост кој го поврзува музејскиот објект со наколната населба како и дрвените колиби направени од кал. (Фото: СДК.МК)

    Со 500 илјади денари (над 8.000 евра), средства обезбедени од Министерството за култура, ќе се санираат оштетувањата на Музејот на вода во Заливот на коските кај Градиште, еден од најатрактивните и најпосетени локалитети во Охрид, кој со години се распаѓа. Расклатени даски на платформата каде на места има и видливи процепи и искршена ограда е сликата на наколната населба на местото наречено Плоча Миќов Град.

    Од Охридскиот Завод и Музеј велат дека средствата не се доволни за комплетна реконструкција, но ќе се прават најнеопходните зафати за да се подобри безбедноста на музејскиот комплекс. Според в. д. директорката на Завод и Музеј – Охрид Даниела Недељковиќ, приоритет во санацијата ќе биде мостот и оградата, а ќе се обезбедуваат и средства од сопствените приходи. За целосна санација пак ќе се бараат дополнителни финансиски средства од Министерството и следната година.

    Расклатени даски на платформата каде на места има и видливи процепи и искршена ограда е сликата на наколната населба на местото наречено Плоча Миќов Град. (Фото: СДК.МК)

    „Од Министерството за култура се побарани 3 милиони денари, меѓутоа поради ограничениот буџет на Министерството за култура, а во договор со комисијата која ги разгледуваше поднесените пријави, за оваа година добивме 500 илјади денари. Со овие финансиски средства ќе се потрудиме најпрво да ги завршиме санационите зафати на дрвениот мост и дрвената ограда, а понатаму ќе пристапиме кон поправка и на останатите оштетени делови од музејскиот комплекс. Ако музејот е посетен од поголем број туристи и доколку се остварат поголеми финансиски приходи Завод и Музеј – Охрид ќе може за санација на музејскиот комплекс да употреби и сопствени финансиски средства. Доколку тоа не е возможно, повторно ќе аплицираме за следната година за дополнителни финансиски средства за да може музејскиот комплекс целосно да биде саниран“, вели Недељковиќ.

    Од Завод и Музеј велат дека покрај платформата и оградата, во лоша состојба е и дрвениот мост кој го поврзува музејскиот објект со наколната населба како и дрвените колиби кои се направени од кал.

    „Исто така, неопходни се поправки и на дрвените колиби и на санитарните јазли од музејскиот простор. Неопходни се поправки и во дворното место од музејскиот комплекс во поглед на санација на системот за наводнување кој е поставен во музејскиот комплекс, како и комплетно фарбање на дрвените бунгалови и средување на парковскиот дел од музејскиот простор“, додава Недељковиќ.

    Последен пат музејскиот комплекс е реновиран во 2016 и почеток на 2017 година, кога комплетно се конзервирани колибите од наколната населба.

    „Сите дрвени елементи од музејскиот комплекс, како што се летни видиковци, рекламни паноа, се префарбани со бајц во темно кафеава боја и извршено е нивно целосно препокривање со нова шиндра. Континуирано се врши промена на сијалиците во целиот комплекс и извршено е молерисување во музејскиот објект“, велат од Завод и Музеј – Охрид.

    Музејот се отвори во 2008, по две години изградба што чинеше 2 милиони евра, а финансираше Министерството за култура, во времето кога Паско Кузман беше директор на Управата за заштита на културното наследство. Досега го посетиле над 500.000 луѓе, а освен наколната платформа во које е реконструиран животот од 1.200 до 800 година пред новата ера, има копнен објект од камен во кој има изложбена поставка од откриените артефакти на археолошкиот локалитет, книжарница и кафе-тераси. Околу е уреден парк од зимзелени дрвја и сѐ заедно е едно од најубавите места создадени од човекот на охридското крајбрежје. Влезот во музејот чини 100 денари, но последнава година поради пандемија посетеноста е значително намалена.

    Подводните археолошки истражувања на локалитетот Плоча Миќов Град во Заливот на Коските во водите на Охридското Езеро близу Пештани, се реализираа во кампањи секоја година од 1997 до 2005. Со овие истражувачки активности за првпат во Македонија се официјализира подводната археологија како гранка на археологијата која се занимава со остатоци, заштита и презентација на подводното културно наследство, кое поради разни околности во минатото и денес останало под водените површини на македонските езера.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира