„КОМУНАЛНА ХИГИЕНА“ ЃУБРЕТО ЌЕ ГО СОБИРА ДО 21 ЧАСОТ ОТКАКО ВИКЕНДОВ КОНТЕЈНЕРИТЕ НИЗ СКОПЈЕ БЕА ПРЕПОЛНИ

    „КОМУНАЛНА ХИГИЕНА“ ЃУБРЕТО ЌЕ ГО СОБИРА ДО 21 ЧАСОТ ОТКАКО ВИКЕНДОВ КОНТЕЈНЕРИТЕ НИЗ СКОПЈЕ БЕА ПРЕПОЛНИАктерката Ирена Ристиќ од граѓанската иницијатива „Не биди ѓубре“ вчера на својот фејсбук профил објави фотографии од преполни контејнери во населбата Тафталиџе. (Фото: Фејсбук)

    Јавното претпријатие „Комунална хигиена“ од денеска ѓубрето од контејнерите во Скопје ќе го собира до 21 часот. Од средата, кога беше воведен полициски час од 16 до 5 часот наутро, ѓубрето се собираше само во една смена.

    Директорот на „Комунална хигиена“ Абдусамед Шабани во средата рече дека ќе работат само до 16 часот, бидејќи не добиле дозвола од Министерството за информатичко општество и администрација да работат додека трае полицискиот час. Поради тоа, контејнерите низ Скопје беа преполни со ѓубре, а бидејќи во нив немаше место, расфрлани кеси имаше на тротоарите и улиците околу нив.

    Градоначалникот на Скопје Петре Шилегов вели дека поради состојбата на терен направен е нов режим на работа и од денеска контејнерите ќе се празнат од 5 до 21 часот.

    „Пред да биде воведен полицискиот час немавме проблеми ниту поплаки од граѓаните за собирање на ѓубрето низ Скопје. Изминативе денови работевме со намалена динамика поради воведениот полициски час. Вчера имавме состанок со Кризниот штаб на Град Скопје, направивме анализа и нов распред за подигнување на ѓубрето во две смени. Ќе се работи и во сабота. Работевме и оваа сабота, но екипите не можеа да постигнат секаде со оглед на режимот по кој работеа претходните три дена. Од денеска, состојбата ќе се стабилизира“, вели градоначалникот Шилегов.

    Во Скопје има 6.000 контејнери од кои секојдневно се собира ѓубрето. Дневно комуналните работници на „Комунална хигиена“ подигнуваат околу 500 тони отпад.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира