КОМУНАЛЦИТЕ ОД ШТИПСКИ „ИСАР“ ОСТАНАА БЕЗ ПЛАТА ЗА ВЕЛИГДЕН ОТИ ИЗВРШИТЕЛИ ЗЕЛЕ ТРИ МИЛИОНИ ДЕНАРИ ЗА ДОЛГ ЗА ЦВЕЌИЊА И УКРАСНИ КАМЕЊА

    КОМУНАЛЦИТЕ ОД ШТИПСКИ „ИСАР“ ОСТАНАА БЕЗ ПЛАТА ЗА ВЕЛИГДЕН ОТИ ИЗВРШИТЕЛИ ЗЕЛЕ ТРИ МИЛИОНИ ДЕНАРИ ЗА ДОЛГ ЗА ЦВЕЌИЊА И УКРАСНИ КАМЕЊАСтанува збор за долг направен пред две години кога биле набавени цвеќиња и украсни камења поставени на средината од булеварот Партизанска. (Фото: СДК.МК)

    Без никаква најава или известување, извршители во два наврата од сметката на ЈП„Исар“ во Штип повлекле по 1,5 милион денари или вкупно три милиони денари поради неплатен долг. Станува збор за долг направен пред две години кога биле набавени цвеќиња и украсни камења поставени на средината од булеварот Партизанска, кој се протега покрај градскиот стадион до центарот на градот.

    „Долгот бил направен од претходното раководство за разни градинарски услуги, набавка на цвеќиња и украсни камења. Без опомена или некакво известување, извршители повлекоа 3 милиони денари од сметката на претпријатието, токму во времето кога требаше да се пресметува плата за вработените во јавното претпријатие“, вели сегашниот директор Трајан Коцев, по чие доаѓање цвеќињата и украсните камења се остранети, па сега се подготвува ново преуредување на булеварот.

    Дел од вработените и локалната штипска опозиција, гласно го критикуваше доцнењето на платата која не била исплатена пред Велигден на 15 април, крајниот законски рок. Раководството на „Исар“ со соопштение објасни зошто платата доцнела, но велат дека сепак направиле напори платата биде исплатена само со три дена задоцнување, а истовремено бил исплатен и регрес за годишен одмор.

    Општина Штип под чија надлежност е ЈП „Исар“ во своето соопштение наведува дека претходната власт и раководство на јавното претпријатие го довеле претпријатието во финансиска дупка од 5 милиони евра. Во изминатите две години претпријатието вратило 1,5 милион евра неподмирен кредит, а новото раководство наследило и долг од 30 милиони денари за неплатена струја и други долгови кон разни добавувачи.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира