Од почетокот на учебната година, шест одделенија во основните и средните училишта во Охрид се во изолација поради заразени ученици и професори со ковид-19. Од наставниот кадар, има еден заразен во средните и двајца во основните училишта. Во домашна изолација нема групи деца од охридските градинки.
Наставата, како што велат од Општината, се одвива со строго почитување на мерките за заштита од ковид-19, а подобрени биле и условите во објектите.
„Обезбедени се средства за хигиена, посебен начин на влегување во училиштата и слични мерки предвидени со протоколите на Министерството за здравство и Министерството за образование и наука“, велат од Општината, потврдувајќи дека има поединечни случаи на зараза со ковид-19, но нема простор за паника од ескалирање на состојбата.
Во изминатиот период, Општина Охрид инвестираше во повеќето згради на основните и средните училишта на подрачјето на општината. Според најавите, дел од нив ќе добијат и нов систем на греење и нова енергетски ефикасна фасада.
Во Струга нема паралелка во изолација и не бил пријавен ниеден професор или ученик со симптоми на коронавирусот. Според директорот на Општата болница, Арменд Асани, состојбата е стабилна, а во болнички услови се лекуваат 19 пациенти.
„Од минатата недела, кога бројот на прегледи се движеше од 120 до 130 пациенти дневно, моментално тој број е намален на околу 80. Засега немаме случај на заболен ученик или наставен кадар“, вели Асани.
Според податоците од Институтот за јавно здравје, вчера во Охрид и Струга се регистрирани по девет новозаразени и моментално има 1.241 активен случај.
С. ВРЕНЦОВСКА