КРЕДИТИРАЊЕ НА ГАСИФИКАЦИЈАТА БАРААТ ЕКОЛОГИСТИТЕ ВО КУМАНОВО

    КРЕДИТИРАЊЕ НА ГАСИФИКАЦИЈАТА БАРААТ ЕКОЛОГИСТИТЕ ВО КУМАНОВОВо Куманово гасификацијата е започната пред 10 години, приклучокот на гас отсекогаш е 800 евра, а од оваа година Општината воведе субвенции од 150 евра за домаќинствата, но субвенцијата ја искористиле само десетина семејства; - Од еко трибината во Советот на Општина Куманово (Фото: СДК.МК)

    Државата и општините да издвојуваат повеќе пари за субвенционирање и кредитирање на гасификацијата на домаќинставата и фирмите, ако сакаат широка примена на гасот за затоплување, апелираат екологистите. Само економски интерес може да ги натера граѓаните ќе се откажат од дрвата, мазутот и нафтата, и да се префрлат на еколошките горива, кои не ја загадуваат животната средина,  меѓу другото беше препорачано на трибината за спречување на загадувањето во Куманово.

    „Многу значајна за намалување на загадувањето е гасификацијата. Тоа го покажуваат и искуствата во другите држави. Во многу градови учеството за приклучок на гас е 10, 15, 20 отсто од вкупната вредност, или само еден денар. Со тоа самата програма, самата акција е долгорочна. Треба да се изнајде начин и средства човекот да плати колку е во можност, а останатото да биде со кредитна линија, на 3 или 5 години, колку му дозволува буџетот, но тоа да не бидат банкарски камати со 8 и 10 отсто. Повластената стапка треба да биде во интерес на животната средина и во интерес на здравјето на граѓаните. Тука треба државата и ИПА фондовите да бидат искористени“, вели професор д-р Живко Давчев од Факултетот за земјоделство и исхрана.

    Во Куманово гасификацијата е започната пред 10 години. Приклучокот на гас отсекогаш е 800 евра, а од оваа година Општината воведе субвенции од 150 евра за домаќинствата. Но, тоа очигледно не е примамливо за граѓаните, бидејќи субвенцијата ја искористиле само десетина семејства. Во градот досега е поставена околу петнаесет километри дистибутивна гасоводна мрежа, а приклучени се само 24 правни лица, општински институции, училишта, градинки, градскиот базен и околу 160 домаќинства.

    Последните години, Куманово се души во загаден воздух. Советот на Општина Куманово одржа трибина со екологистите и стручни лица, за да се лоцираат проблемите на загадувањето, но и да се понуди решение. Меѓу препораките кои беа предложени беше забрзана гасификација, пошумување, ограничување на движење на возилата во центарот на градот, поголеми казни за загадувачите, контролирана градба и други. Истовремено, беше побарано Општината да формира стручно тело од екологисти, кое ќе има задача во континуитет да ги следи состојбите и да работи на имплементација на краткорочни и долгорочни програми за надминување на загадувањето.

    С. НИКОЛИЌ

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари