КРИВИЧНИ ПРИЈАВИ ЗА ДИРЕКТОРОТ НА НАЦИОНАЛНИОТ ПАРК И УШТЕ ПЕТМИНА ЗА ИСЕЧЕНИ НАД 160 СТЕБЛА НА ПЕЛИСТЕР, ТИЕ ВЕЛАТ СÈ БИЛО ПО ПЛАНОТ

    КРИВИЧНИ ПРИЈАВИ ЗА ДИРЕКТОРОТ НА НАЦИОНАЛНИОТ ПАРК И УШТЕ ПЕТМИНА ЗА ИСЕЧЕНИ НАД 160 СТЕБЛА НА ПЕЛИСТЕР, ТИЕ ВЕЛАТ СÈ БИЛО ПО ПЛАНОТИсечени моликови стебла во близина на месноста Голема Ливада, за што одговорните кажаа дека имале дозвола (Фото: СДК.МК)

    Дури 165 стебла од ендемичниот бор молика и ела биле исечени во Националниот парк Пелистер, соопшти битолската полиција, која поднесе кривични пријави против шест лица, меѓу кои и директорот и претседателот на управниот одбор на паркот. Одговорните од паркот велат дека работеле според десетгодишниот план за одгледување шуми, со добиени дозволи, само што написмено не бил известен надлежниот инспектор.

    Според полицискиот извештај, исечени се 109 стебла молика и ела и уште 56 необележани моликови стебла. СВР Битола поднесе кривична пријава против З. П. (39), И. С. (56), В. Ч. (57), Н. С. (53), и Н. С. (31), сите од Битола и против Јавната установа Национален парк Пелистер поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело пустошење на шума, како и против М. Ш. (50) поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело несовесно работење во службата.

    „Првопријавеното лице, во својство на одговорен шумарски инженер и претседател на управниот одбор на јавната установа, заедно со второ, трето, четврто и петтопријавениот извршиле сеча на зимзелена шума во заштитено подрачје – национален парк, и тоа 109 стебла молика и ела и необележани 56 стебла молика и шест стебла ела. М. Ш., во својство на одговорно лице – директор во јавната установа, постапил несовесно во вршењето на своите овластувања и должности со тоа што не извршил должен надзор врз горепријавените“, пишува во полицискиот извештај.

    Директорот на НП, Малиќ Шемшедини, кој на функцијата беше поставен годинава, вели дека пријавата е за работа во одделот 28 на Пелистер, каде што имале работни активности од 2020 до оваа година, согласно десетгодишниот план за одгледување шуми.

    „Ништо не е надвор од планот и од дозволите на Министерството за животна средина. Но, како забелешка од страна на инспекторот ни е дадено дека во 2020 написмено не бил известен дека ќе се работи во тој дел. Од кои причини не бил известен, не знам, тогаш имаше друг раководител и моите инженери не знаеја дека не бил известен. Според изјави на инженерите, тоа беше време на ковид и само усно бил известен, бидејќи не можел да доаѓа“, вели Шемшедини.

    Според него, ова е стандардна процедура, но проблемот настанал со известувањето на инспекторот и што дрвјата повеќе време останале неподигнати покрај детската патека.

    „Ова е редовна сеча, но дел беше санитарна, зашто голем дел од тие дрвја беа паднати, оштетени, суви и трули. Не одиме со стопроцентна гола сеча, туку според планот се прави проред. Сите исечени стебла се забележани, фактурирани и средствата ќе бидат платени кон Националниот парк Пелистер, значи нема никаква злоупотреба“, додава директорот.

    Тој потврдува дека меѓу стеблата имало необележани, но појаснува дека според Законот за шумски работи, дозволено е 20 проценти да бидат доозначени до завршување на работните активности, зашто се случува да има паднати и оштетени дрвја.

    Екипата на САКАМДАКАЖАМ.МК на почетокот на август фотографираше исечени моликови стебла во близина на месноста Голема Ливада, под патеката Мечо. На нашите прашања зошто се исечени, одговорните од паркот на 4 август ни одговорија дека за сѐ имаат  дозвола.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА  

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира