КУЧЕ КОЕ НАПАДНА 9 ЛИЦА УЛОВЕНО И ОДНЕСЕНО НА ВАРДАРИШТЕ, СЕ БАРААТ СОПСТВЕНИЦИТЕ

    КУЧЕ КОЕ НАПАДНА 9 ЛИЦА УЛОВЕНО И ОДНЕСЕНО НА ВАРДАРИШТЕ, СЕ БАРААТ СОПСТВЕНИЦИТЕРодителите на едно од нападнатите деца на Фејсбук објави фотографии од повредите на нивната ќерка и најавија дека ќе поднесат тужба до Град Скопје и до здружението за заштита на животни „Анима мунди“.Фото:(Фејсбук)

    Заловено е кучето кое синоќа нападна девет лица во скопската населба Аеродром. Шинтерската служба на Град Скопје попладнево го нашла кучето и веднаш го однеле во стационарот Вардариште.

    Градоначалникот Петре Шилегов вели дека станува збор за домашно куче, кое сопствениците го напуштиле и го оставиле на улица.

    „Повикавме екипи од Агенцијата за храна и ветеринарство, кои ќе одлучат како да се постапува понатаму. Се бараат сопственците кои дозволиле кучето слободно да шета низ населбата Аеродром. Град Скопје работи на нова програма за кучињата скитници, како и за домашни миленици, која наскоро ќе ја презентираме во јавноста“, вели Шилегов.

    Родителите на едно од нападнатите деца на Фејсбук објави фотографии од повредите на нивната ќерка.

    „Ова се раните на раката на мојата помала ќерка Ума која беше нападната од куче во населбата Аеродром. Покрај неа искасани се уште 7 деца и две жени. Детето ми е спасено благодарение на случајна минувачка која се нафрли на кучето да ја спаси Ума. Сакам да ги тужам Град Скопје и Анима мунди“, напишаа родителите на едно од нападнатите деца.

    Од Клиниката за инфективни болести велат дека синоќа биле примени 9 лица искасани од куче. Д-р Милена Стевановиќ, директорка на Инфективна клиника, вели дека меѓу повредените имало и деца и возрасни и дека по пружената медицинска помош се пуштени дома.

    „Повредите претходно им беа санирани и исчистени, а кај нас се прима профилаксата, односно вакцина. Во случајов бидејќи станува збор за домашно куче дадена е само вакцина против тетанус, на оние пациенти кои немале примено. Никој не е хоспитализиран”, вели д-р Стевановиќ.

    Од Министерството за внатрешни работи велат дека кај нив имало пријава за нападнати шест лица од куче скитник. Немаат информација дека станува збор за куче кое има сопственици.

    „Во полициската станица Аеродром, пријавени се шест настани во врска со напад на куче врз граѓани на подрачјето. Се работи за шест лица од кои две жени на возраст од 40 и 44 години и четири деца на возраст од 10 до 14 години, кои се каснати од куче“, велат од Министерството за внатрешни работи.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира