Советниците од СДСМ и Левица на денешната седница на Советот на Град Скопје за советнички прашања го обвинија градоначалникот Орце Ѓорѓиевски за вработување на негови блиски луѓе и партиски кадри на огласот за нови пожарникари.
Огласот за вработување на 20 пожарникари од кои 8 пожарникари возачи и 12 професионални пожарникари беше објавен на 30 декември 2025 година, а лицата се вработени во април годинава.
„Според информациите кои што стигнаа до нас, меѓу вработените на овој оглас се наоѓаат лица кои се во блиски роднински и кумовски врски со вас, и тоа Сашо Милошевски, претходно вработен во затворската полиција во КП Дом Идризово, за кого се тврди дека е ваш кум, Николче Темелковски, претходно вработен на бензинска пумпа во Драчево, за кого се тврди дека е ваш братучед. Во минатото бевте многу гласни и критички настроени кога стануваше збор за непотизмот, а одеднаш вие не само што не го искоренувате, туку и го унапредувате непотизмот. Се однесувате како Град Скопје да е ваша своина и како сте тргнале ќе го претворите во партиски штаб. Дали овие лица ги поминале сите предвидени тестирања, физички проверки и вежбовни активности согласно Правилникот за прием на пожарникари, или пак воопшто не се појавиле на тестирањето и проверките?“, праша советничката од СДСМ Кети Штерјова.
Советничката Дарја Мустафаоглу од Левица го обвини градоначалникот за партиски вработувања на огласот за новите пожарникари, и побара листа од сите кандидати кои аплицирале и како биле бодувани.
„Постојат работи за кои се мисли дека ќе преовлада јавниот интерес и вработувањата на нови пожарникари е една од тие работи. Затоа како советничка група ја поддржавме годишната програма за вработување на 40 нови пожарникари. Но, кога се објави огласот до мене почнаа да стигнуваат пријави дека се прават списоци за вработување. Зошто ранг-листата не е јавна, зошто јавноста да не знае кој колку бодови освоил, кој сè е примен, да споредиме дали се совпаѓаат имињата со списоците кои ги имам? Исто така, прашувам кога ќе бидат вработени уште 20 пожарникари како што е предвидено со програмата“, рече советничката Мустафаоглу од Левица.
Ѓорѓиевски рече дека овие обвинување на советничката Штерјова се невистини и ги повика лицата кои таа ги спомена да поднесат тужба.
„Кумот мој се вика Ордан, кумови сме пет генерации по ред и живее во Драчево, ќерка има Наташа. Инаку, околу непотизам, јас имам сестра којашто е 20 години со работен стаж, една сестра имам. Татко ми е во пензија, мајка ми работи во Градска болница. Имам први братучеди доста, поприличен број, околу 150 луѓе сме и никој не е вработен во државна институција. Така да, се надевам дека ќе имате начин како да го докажете ова што го споменавте. Во спротивно, мотивирам да тие имиња коишто ги споменавте си поднесат соодветни пријави, секако доколку не се извините“, рече Ѓорѓиевски, додавајќи дека тестирањата во Пожарна ги правел командантот Ѕвонко Томовски, кој долги години е дел од Пожарната.
Штерјова после одговорт му реплицираше на Ѓорѓиевски велејќи, „кум или кумашин, братучед втор или четврти, не е важно. Ќе ви покажам слика за ова што го говорам“.
Ѓорѓиевски најави дека наскоро ќе биде распишан оглас за вработување на уште 20 нови пожарникари.
А. АНТЕВСКА



