КУМАНОВО Е РЕГИОНАЛЕН ЦЕНТАР, А НЕМА ХОТЕЛ

    КУМАНОВО Е РЕГИОНАЛЕН ЦЕНТАР, А НЕМА ХОТЕЛНеколку мали приватни хотелчиња и пансиони во околината на градот, кои можат да примат едвај педесетина гости е целокупниот сместувачки потенцијал во Куманово, општина со 120.000 жители (Фото: СДК.МК)

    Куманово е еден од ретките поголеми градови во регионот кој нема хотел, иако се наоѓа на само 30 километри од Скопје и го носи приматот центар на Североисточниот Регион. Општина со над 120.000 жители во која се вкрстуваат најфрекфентните трансевропски коридори исток-запад и север-југ нема ниту еден сериозен сместувачки капацитет. Неколку мали приватни хотелчиња и пансиони во околината на градот, кои можат да примат едвај педесетина гости е целокупниот сместувачки потенцијал во Куманово.

    Хотел „Куманово“ е изграден на почетокот на 20 век како репрезентативен хотел од познат кумановски угостител. Имало соби за спиење на кат, простран ресторан на приземјето и летна бавча. Во хотелот имало и берберница во која гостите можеле бесплатно да ги користат услугите на салонот. Во ресторанот на хотел „Куманово“ се одржувале забави и друг вид свечености на кои имале право да присуствуваат единствено членови на богати семејства и преставници на власта. И по повеќе од сто години објектот му одолева на времето, но се наоѓа во очајна состојба порачи негрижата на надлежните институции.  Хотелот се наоѓа спроти зградата на Општина Куманово.

    По пропаѓањето на некогашниот „Бисерка“ и затварањето на двата хотели „Кристал“ и „Ку-Ба“, кои имале 400 легла, никој од приватниците не пројавил интерес да изгради слични објекти кои ќе ги задоволат потребите на конгресниот, ученичкиот, бањскиот, спортскиот и секој друг вид туризам во градот и регионот.

    „Општината Куманово има повеќе локации за ваква намена, било како единствени или компатибилни на основната функција, но за жал нема ниедно барање до секторот за урбанизам за изградба на поголем хотел или хотелски комплекс. Како секој поголем град, така и Куманово има потреба и заслужува да има голем репрезентативен хотел, кој ќе го претставува градот на гостите кои доаѓаат во нашата општина. Ние немаме таков објект и принудени сме да ги сместуваме гостите во Скопје и другите околни градови“, вели Лидија Ланг Спасовска, раководител на секторот за урбанизам во Општина Куманово.

    Таа смета дека хендикепот на Куманово во оваа дејност е поради близината на главниот град и местоположбата на аеродромот, па деловните луѓе и туристите повеќе сакаат да се сместат во Скопје, бидејќи за 30 минути се во Куманово ги завршуваат обврските или посетата и се враќаат назад. Најверојатно од истата причина и бизнисмените не гледаат економска исплатливост да инвестираат надвор од Скопје, иако несомнено дека капацитетите би биле пополнети, бидејќи регионот располага со богат туристички потенцијал.

    Мегалитстата опсерваторија Кокино, црквата „Св. Ѓорѓи“ во Старо Нагоричене, меморијалниот центар АСНОМ, спомен костурницата на српската војска Зебрњак, манастирите Карпино, Забел, „Св. Јоаким Oсоговски“ во Крива Паланка, знаменитостите во Кратово, како и културните манифестации Тамбурашки фестивал, Денови на комедија и други привелекуваат голем број на туристи во текот на годината, кои наместо неколку дена остануваат само еден ден. Најчесто, гостите и делегациите кои доаѓаат во Куманово се сместуваат во хотелот „Белви“, поради близината и добрата инфраструктурна комуникација.

    И туристичките работници се жалат дека тоа што нема пристоен хотел за над 100 гости им е голем проблем во работата, бидејќи не можат да организираат поголеми тури на домашни и странски посетители, кои бараат конфор и комплетна услуга за да останат повеќе денови .Куманово е првата дестинација на влезот во државата од север на најфрекфентниот патен правец кон Грција, но не може да задржи ниту еден транзитен минувач, а со тоа и да заработи. Вториот град по големина во државата, го заобиколуваат дури и ученичките екскурзии.

    „Голема пречка во нашата работа е што нема пристоен хотел со 3 или 4 ѕвездички во градот, порадите гости од странство, како што тоа го работат нашите колеги од Охрид, Струмица, Битола, кои се помали од Куманово. Ние имаме туристички потенцијал, пред сѐ културно-историски знаменитости, кои се интересни за туристите, но не можеме да направиме комплетна програма затоа што немаме каде да ги сместиме. Во Куманово ретко доаѓаат и учениците кои одат на неколкудневни екскурзии за запознавање на државата поради сместувањето, а немаме ни детски одмаралишта кои би се искористиле за таа намена“, вели Мери Миновска, туристички работник од Куманово.

    Решението на овој проблем, туристичките работници, граѓаните и стручната јавност го гледаат во реновирање на двата хотели „Кристал“ и „Ку-ба“, кои се наоѓаат на атрактивни локации во градот.

    „Она што ме радува е што хотелите ‘Кристал’ и ‘Ку-Ба’ се враќаат на А.Д ‘Бисерка’ и наскоро ќе се најде решение на деценискиот проблем. Јас очекувам тие објекти да се реновираат или на нивно место да изникнат нови хотели, пред сѐ од познати брендови од висока категорија кои можат да примат и над 300 гости, кои Куманово ги заслужува. ‘Кристал’ има извонредни предиспозиции и локација за луксузен хотел, бидејќи зафаќа голема површина и се наоѓа во центарот на градот, а ‘Ку-Ба’ мора да прерасне во спа центар со термо-минерална вода“, вели Зоран Павловски, поранешен директор во „Бисерка“.

    Со отварањето на хотелите би се зголемил и економскиот развој во градот, ќе има нови вработувања, а во функција ќе бидат ставени и малите бизниси кои ќе ги опслужуваат овие угостителски објекти, а со тоа ќе се подобри стандардот на живеење во градот.

    „КРИСТАЛ“ И „КУ-БА“ ГИ УНИШТИ КРИМИНАЛНАТА ПРИВАТИЗАЦИЈА

    Хотелите „Кристал“ и „Ку-Ба“, некогаш припаѓаа на угостителското претпријатие АД „Бисерка“, во чиј состав беа и хотелот „Куманово“, првиот хотел во градот, кафеаните „Мостар“, „Пчела“, „Ловец“, „Палас“, минералните извори на Кумановска Бања, каде се произведуваше минералната вода „Кумановка“. Во матна приватизација претпријатието беше преземено од тогашниот прв човек на македонската царина Драган Даравелски, кој наместо да го развие бизнисот, го уништи. Дел од објектите продаде, а останатите ги остави да се распаѓаат. Денеска тие се целосно руинирани и ограбени, свртилишта на бездомници и корисници на наркотици.

    Некогашниот хотел „Кристал“ сега е руина (Фото: СДК.МК)

    Работниците, кои беа и акционери во фирмата, со години водеа судски спор за враќање на имотот и конечно тој е вратен на државата. Наскоро се очекува и продажба на објектите, а кумановци се надеваат дека локалната самоуправа и државата нема да дозволат атрактивниот простор на  хотел „Кристал“ да се пренамени за изградба на зграда или трговски центар, туку бараат исклучиво да се задржи основната дејност и тука да се издигне луксузен хотел.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира