Во Центарот за јавно здравје во Куманово во последните 24 часа регистрирани се 100 нови случаи на ковид-19, што е највисока дневна бројка во оваа општина од почетокот на коронакризата. Од новозаболените, 91 се во Куманово, 8 во Липково и еден во Старо Нагоричане.
„Од сите тестирани 72 позитивни резултати се добиени преку Центарот за јавно здравје и 38 од приватните лаборатории. Во тек е анкетирање за да направиме целосна епидемиолошка слика. Од досегашното искуство, најголем број од новозаболените се од веќе утврдени контакти и тоа семејни кластери или од приватните фирми и јавни институции. Анкетите ќе покажат дали има и нови кластер“, вели епидемиологот д-р Јадранка Стаменковска од Центарот за јавно здравје Куманово.
Во Куманово досега има 2.828 заболени од ковид-19, а активни се 738 пациенти.
На ниво на државата вчера беа регистрирани 1.321 нови случаи на ковид-19 од 3.836 тестирања.
С. НИКОЛИЌ