Повеќе од 2 години не работи мамографот во Општата болница Куманово. Стариот апарат се расипа на 15 октомври 2017 и оттогаш надлежните само ветуваа дека за неколку месеци ќе се набави нов дигитален мамограф. Поради тоа, пациентките од целиот Североисточен Регион кој брои 200.000 жители, кои сакаат да извршат преглед или имаат заболување на дојка мора да бараат чаре во Скопје или да плаќаат приватно.
Вработените на Одделението за рентген и дијагностика во Општата болница Куманово, велат дека ништо не зависи од нив ниту од менаџментот на болницата. Тие поднеле повеќе барања да се реши проблемот, но сè е во рацете на Министерството за здравство. Жалат што не можат да им помогнат на пациентите кои доаѓаат кај нив, туку мора да ги враќаат без да им ја пружат здравствената услуга која им е неопходна.
„Ќе дојдат пациентите на шалтер, на врата, ќе прашаат дали имаме мамограф и откако ќе кажеме не, се снаоѓаат како знаат. Одат каде ќе стигнат и каде ќе најдат термин. Осумдесет отсто во Скопје, а потоа во Берово, Кичево, Кратово, една пациентка ми кажа дека била во Струга, таму имала роднини. Најголем дел на приватно, затоа што немаат време за чекање. Кај нас не доаѓаат на прегледи, туку само на контрола, а и контролите си ги вршат таму каде што се прегледани. Состојбата е страшна. Пациентите многу се мачат и плачат од тоа што нема каде да одат. На нив некогаш им е тешко и партиципација да платат, а не приватно. Со мамограф, со ехо и сите други резултати и прегледот им излегува од 5-6.000 денари, плус одење во Скопје, па резултатите никогаш не им ги даваат во ист ден туку по 2-3 дена, тоа се неколку одења, а главно не можат сами туку со придружба. Тоа е големо малтретирање и за здрав човек, а не за болен. Луѓето се мачат и страшно е што има голем број на заболени, затоа што не се дијагностицира навремено и поради немењето мамограф, цената ја плаќаат и со животи“, велат лекарите.
Тие додаваат дека и персоналот во болницата нема направено мамографија, која треба да ја прави на две години.
Министерот Венко Филипче за овие две години најмалку четири пати во Куманово вети дека мамографот ќе стигне во болницата за неколку месеци. Така беше и последниот пат, пред седницата на Владата во Куманово на 16 декември.
„Станува збор за постапка со која ќе бидат набавени мамографи за повеќе центри, 6 центри вкупно ширум државата. Со оглед на тоа што беше паузирана постапката заради расчистување на некои технички детали, верувам дека дека до Нова година сето тоа ќе се среди во соработка со стручните лица, за да може после Нова година да продолжи постапката. Така што, верувам дека може да трае уште 30-тина дена, па потоа да дојде рокот за испорака и во следните 3 до 4 месеци, Куманово ќе има нов мамограф“, рече Филипче.
Во јули минатата година, кога беше пуштен во употреба на првиот Центар за заштита на жртви од сексуално насилство во Куманово, министерот рече дека веќе е распишан тендерот за набавка на три мамографи, кои се предвидени за Кумановската болница, Здравствениот дом во Крива Паланка и Железничката амбуланта во Скопје.
„Искрено се надевам дека ова ќе го завршиме во најкраток можен рок, без никакви компликации во самата постапка. Ако сe биде како треба до крајот на септември и почетокот на октомври, мамографите ќе бидат во овие центри, а дополнително ќе распишеме постапка за уште три за другите центри во Македонија“, рече тогаш Филипче, а истото го повтори и при крајот на ноември кога присуствуваше на теренска симулативна вежба во случај на поплава во Куманово.
Не е јасно која е причината и кој е одговорен за развлекување на постапката, но сега постои опасност предвремените изборите да бидат следното оправдание.
Дека уште долго време ќе нема мамограф вработените се сомневаат и поради тоа што ништо не се работи на одделнието за да се подготви соодветен простор за новиот апарат. Апаратот кој се расипа беше стар 34 години.
Зградата во која е сместено амбулантата за рентгенологија е стара, па лекарите очекуваат дека Министерството за здравство покрај новиот мамограф ќе одвои средстава и за нови простории.
- КУМАНОВО НЕМА ДОВОЛНО ГИНЕКОЛОЗИ И НИТУ ЕДЕН МАМОГРАФ ВО ЈАВНОТО ЗДРАВСТВО
- МАМОГРАФОТ ВО КУМАНОВО НЕ РАБОТИ ЦЕЛА ГОДИНА, НОВ НАЈРАНО ВО ОКТОМВРИ
С. НИКОЛИЌ