КУМАНОВСКАТА БОЛНИЦА ЌЕ ДОБИЕ МАМОГРАФ ЗА 4 МЕСЕЦИ, НАЈАВИ МИНИСТЕРОТ ЗА ЗДРАВСТВО САЛИ

    КУМАНОВСКАТА БОЛНИЦА ЌЕ ДОБИЕ МАМОГРАФ ЗА 4 МЕСЕЦИ, НАЈАВИ МИНИСТЕРОТ ЗА ЗДРАВСТВО САЛИВо Општата Болница Куманово мамографот кој беше стар 34 години се расипа во октомври 2017, а повеќе од 4 и пол години здравствените власти најавуваат дека ќе се набави нов апарат. (Фото: СДК.МК)

    Општата болница во Куманово за 4 месеци ќе добие мамограф, најави министерот за здравство Беким Сали при денешната посета. Тој вели дека постапката за набавка на скапиот апарат е во тек, а средствата се обебедени преку проект на Светската банка. Јавното здравство во Куманово повеќе од 4,5 години нема мамограф. Стариот апарат, кој беше донација, се расипа уште во октомври 2017, па оттогаш пациентите можат да се прегледаат само на ехо, а за мамограф плаќаат приватно или одат во околните градови и Скопје.

    „За околу 4 месеци очекуваме мамограф и друга апаратура да биде инсталирана во Општа болница Куманово. Тоа е гарант така, затоа што финансиите се обезбедени претходно од Светската банка и сега сме веќе во фаза на завршување на списокот која јавна здравствена установа каква потреба има и што е за итна интервенција. Така што, мамографот е предвиден за во Куманово“, изјави Сали.

    Во овие 4 години, министерот за здравство Венко Филипче при секоја посета на градот цврсто ветуваше дека мамографот ќе се купи најбрзо што може, и дека истовремено ќе се направи набавка за сите региони, но Куманово извиси.

    Директорката на Кумановската болница д-р Снежана Захариева вели дека мамографот е реална потреба за нивната здравствена институција заради навремен скрининг и дијагностика на жените од регионот. Болницата нема пари сама да го купи и мора да чека тоа да го стори државата. Од почетокот на мандатот на новиот министер поднела две барања за набавка на мамографот.

    „Последното беше на почетокот на овој месец, и се надевам дека конечно ќе добиеме апарат. Имаме просторни услови и кадровски потенцијал веднаш да започнеме со работа. Болеста карцином на дојка е прилично раширена и треба навремено да се дијагностицира. Старосната граница на заболените се поместува. Не сите пациенти имаат можност да плаќаат приватно или да се малтретираат по другите градови за преглед“, кажа Захариева.

    Лекарите ренгенолози велат дека за нив е несфатливо како државата со години не може да обезбеди мамограф за една од најголемите регионални здравствена установа која покрива 10 отсто од вкупната популација во државата. Со тоа се намалува квалитетот на услугата и се губи довербата во јавното здравство, бидејќи болните наместо на мамограф им прават преглед на ехо апарат.

    Општата болница во Куманово е регионален центар и го покрива Североисточниот регион со околу 200.000 жители. Таа не го добива третманот кој го заслужува, а во ковид кризата беше ковид-центар со најголем број на пациенти после Скопје.

    С. НИКОЛИЌ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира