МАМОГРАФОТ ВО КУМАНОВО НЕ РАБОТИ ЦЕЛА ГОДИНА, НОВ НАЈРАНО ВО ОКТОМВРИ

    МАМОГРАФОТ ВО КУМАНОВО НЕ РАБОТИ ЦЕЛА ГОДИНА, НОВ НАЈРАНО ВО ОКТОМВРИМамографот стар 34 години се расипал лани во октомври, па пациентките мора да одат во Скопје или да плаќаат приватен преглед (Фото: СДК.МК)

    Повеќе од 10 месеци не работи мамографот во Општата болница Куманово. Апаратот кој е стар 34 години во 1996 година бил донесен како донација на Одделението за рентгенологија, а се расипал лани во октомври и оттогаш пациентките кои сакаат да извршат преглед или имаат заболување на дојка мора да бараат чаре во Скопје или да плаќаат приватно. Додека работел апаратот, поради староста, во просек се прегледувале по 6 пациентки дневно.

    Министерот за здравство Венко Филипче вели дека веќе е распишан тендер за три мамографи, кои се предвидени за Кумановската болница, Здравствениот дом во Крива Паланка и Железничката амбуланта во Скопје и дека до октомври треба да ги добијат; – Со директорката на кумановската Општа болница д-р Снежана Захариева (десно) на отворањето на првиот Центар за заштита на жртви од сексуално насилство во Куманово (Фото: СДК.МК)

    Кумановската болница е регионален  здравствен центар, кој покрива над 200 илјади пациенти.

    „Има голем револт кај пациентите бидејќи ние имавме голем број контролни прегледи кај нас. Сега пациентите мора да одат во Скопје, во Кратово се работи некоја скрининг програма преку Министерство за здравство, во Куманово има приватен мамограф каде што треба да се партиципира поголема сума пари, но не сите пациенти се во можност да платат. Се надеваме дека во најскоро време ќе добиеме нов дигитален мамограф“, вели специјалист по рентген дијагностика д-р Димитрије Суботиќ, началник на Одделението за ренгенологија.

    Кумановската болница е регионален здравствен центар, кој покрива над 200 илјади пациенти (Фото: СДК.МК)

    Лекарите кажуваат дека особено е стресно за пациентките кои се оперирани од карцином на дојка и кои се под лекарства или примаат хемотерапија, а мора да закажуваат и да чекаат термини во Скопје, што им создава дополнителенo малтеретирање во една таква тешка здравствена состојба.

    Директорката на Општата болница Куманово д-р Снежана Захариева, вели дека мамографот се расипал откако почнал неконтолирано да зрачи, па не бил безбеден ни за пациентите, ниту за вработените. Тогаш им било препорачано воопшто да не се поправа затоа што е многу стар и не се знае дали воопшто ќе се најдат делови, туку да се купи нов.

    Во Кумановската болница е планирано да се отвори Центар за дојка, кој ќе пружи адекватен третман на пациентките, но тој проект никако да заживее. „Екипирани сме комплетно, персонал имаме, материјали за работа, освен мамограф“, вели специјалист по рентген дијагностика д-р Димитрије Суботиќ, началник на Одделението за ренгенологија (Фото: СДК.МК)

    „На исто мислење сме и ние, затоа што квалитетот на снимките што ги дава стариот мамограф ни приближно не е ист со оние што ги дава совремните дигитални мамомати, кои постигнуваат висока резолуција. Меѓутоа, голема ставка во буџетот на една болница е да купи еден таков апарат, добар мамомат или мамограф, чини од 100 до 120 илјади евра и повеќе. Дури и организации кои се познати донатори кога ќе ја чујат сумата велат дека тоа е прескапо. Парадокс е што многу помали општини имаат мамограф, па се обидовме да го побараме да ни биде даден на користење додека ние да добиеме нов, но тоа не беше прифатено бидејќи биле донација и не сакаат да ни ги отстапат. Добивме ветување од Министерството за здравство дека ќе добиеме нов мамограф или мамомат“, вели Захариева.

    Министерот за здравство Венко Филипче вели дека веќе е распишан тендер за три мамографи, кои се предвидени за Кумановската болница, Здравствениот дом во Крива Паланка и Железничката амбуланта во Скопје.

    „Искрено се надевам дека ова ќе го завршиме во најкраток можен рок, без никакви компликации во самата постапка. Ако сè биде како треба до крајот на септември и почетокот на октомври, мамографите ќе бидат во овие центри, а дополнително ќе распишеме постапка за уште три за другите центри во Македонија“, рече Филипче при пуштањето во употреба на првиот Центар за заштита на жртви од сексуално насилство во Куманово.

     

    Во Кумановската болница е планирано да се отвори Центар за дојка, кој ќе пружи адекватен третман на пациентките, но тој проект никако да заживее.

    „Таму ќе бидат вклучени ренгенолози, торакален хирург, психолог, комплетна една екипа, која проблематиката ќе ја решава во целост. Освен мамогаф, имаме доста квалитена друга апаратура. 16-лајсен компјутер, имаме најнов модел на квалитетно ехо, дигитален апарат на ургентен центар, но проблем ни се просториите. Тие апарати се на различни места во болницата и малку е тешко да се организира целата служба. Меѓутоа добро функционираме, екипирани сме комплетно, персонал имаме, материјали за работа, освен мамограф“, вели д-р Суботиќ.

    Зградата во која е сместено амбулантата за ренгенологија е стара, па лекарите очекуваат дека Министерството за здравство покрај новиот мамограф ќе одвои средстава и за нови простории.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира