МАТИЧНИТЕ ЛЕКАРИ ОД ВЕЛЕС БАРААТ ПОСЕБЕН ПУНКТ ЗА ПРИЕМ НА СОМНИТЕЛНИ НА КОВИД-19

    МАТИЧНИТЕ ЛЕКАРИ ОД ВЕЛЕС БАРААТ ПОСЕБЕН ПУНКТ ЗА ПРИЕМ НА СОМНИТЕЛНИ НА КОВИД-19Тријажниот центар би било место каде има рентген и лабораторија, би бил наменет исклучиво за пациентите сомнителни на ковид-19; - Велешката болница. (Фото: СДК.МК)

    Велешките матични лекари бараат отворање посебен примен пункт за лицата кои се сомневаат дека се позитивни на ковид-19 и и сметаат дека со ова дека ќе се избегне ширењето на заразата. Тие предлогот го кажале на седница на Општинскиот кризен штаб.

    „За предлогот ќе се обидеме да најдеме решение, Кризниот штаб и трите здравствени јавни институции заедно со матичните лекари“, кажа градоначалникот Аце Коцевски на денешната прес-конференција.

    Тријажниот центар би било место каде има рентген и лабораторија, би бил наменет исклучиво за овие лица. Така би се намалил притисокот врз болницата, рентген одделението, матичните доктори, но и би се избегнало овие сомнителни случаи со ковид-19 да се мешаат со пациенти во чекалниците на матичните лекари и да контактираат со други пациенти.

    Градоначалникот кажа дека во ковид-центарот во Велес доброволно, пред повикот за ангажман на приватните интернисти, се јавил еден кардиологотот д-р Атанас Ѓорѓиевски, кој веќе им помага на колегите од Инфективното одделение. Коцевски ја кажа и загриженоста на велешани поради пребукираноста на термини за земање брис, но и за ригидноста на законската регулатива околу здравствениот статус на лицата кои се излекувани од коронавирусот.

    „Има лица кои имаат два последователни негативни теста за присуство на ковид-19, но се водат како позитивни, поради тоа што требало да мине одреден пропишан временски период за официјално да бидат заведени како негативни. Тоа е поради бавното бирократско реагирање на статусот во ‘Мој термин’. Повеќе денови остануваат како позитивни, иако во пракса се негативни, што негативно се одразува на стопанскиот живот во градот“, рече Коцевски.

    Коцевски кажа дека од ковид позитивни во јавните институции во градот, во болницата има 24, меѓу нив и четворица доктори, еден фармацевт, три медицински сестри, три рентген техничари, во Здраствен дом има 10, меѓу кои три доктори, две медицински сестри и тројца возачи, сите од Итната помош. Во ЈКП „Дервен“ има шест позитивни, во општинската администрација три, два во СВР Велес. Во училиштата, ковид позитивни се шест ученици од основно образование и едно дете во градинките, пет воспитувачки и пет наставници, а во самоизолација се 93 деца од градинка и ученици и 20 наставника и воспитувачи.

    Во Велешко до вчера имаше 578 активни случаи на коронавирус. Денес до пладне во Велешката болница хоспитализирани се 69 пациенти, дел на Инфективното, дел на Интерното одделение, 56 се потврдени позитивни.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира