19-ГОДИШНИК Е НАЈМЛАДИОТ КОВИД ПАЦИЕНТ, ПОВТОРНО ОТВОРЕНИ И МОДУЛАРНИТЕ БОЛНИЦИ ВО СТРУГА И ОХРИД

    19-ГОДИШНИК Е НАЈМЛАДИОТ КОВИД ПАЦИЕНТ, ПОВТОРНО ОТВОРЕНИ И МОДУЛАРНИТЕ БОЛНИЦИ ВО СТРУГА И ОХРИДВо Охрид има четворица хоспитализирани, во Струга трипати повеќе (Фото: СДК.МК)

    Mодуларните болници во Охрид и Струга повторно се во функција зашто расте бројот на заболени од ковид-19. Во Охрид има четворица хоспитализирани, од кои двајца се вакцинирани со две дози. Бројот на хоспитализирани во Струга е трипати поголем. Од вкупно 12 кои се на болничко лекување, дури осум се на кислородна поддршка. Најмладиот пациент во Струшката болница има само 19 години.

    „Во последната недела постојано има хоспитализации. Во однос на возраста, станува збор за помлада популација и затоа апелираме да се вакцинираат граѓаните и да бидат подисциплинирани“, вели Арменд Арслани, директорот на Струшката болница.

    Новите владини мерки за спречување на ширењето на коронавирусот, кои предвидуваат целосна забрана за настани и работа на угостителски објекти во затворено и задолжителна потврда за вакцинирање при влез на настани или во објекти, го зголеми интересот за вакцинација, особено кај младите. Пред вакциналните пунктови има долги редици и чекања и по еден час.

    „Овие денови имаме поголема заинтересраност, поголема гужва, која може да се намали ако се почитува терминот за ревакцинација. Ги одделивме пациентите, на едно место за прва доза, на друго за ревакцина“, вели Соња Мариноска, раководителка на Службата за здравствена заштита Охрид.

    Директорот на Здравствен дом Струга, Андон Ложанкоски, вели дека растот на бројот на ковид позитивни е загрижувачки, но и радува тоа што се зголемува бројот на оние кои доаѓаат да се вакцинираат.

    „Во Струга, на двата вакцинални пункта се вакцинирани над 10.000 луѓе. Голем број граѓани се вакцинирани и во Охрид и Вевчани. Мерките на Владата го зголемија интересот за вакцинација последниве два-три дена“, вели Ложанкоски.

    Оваа туристичка сезона Охрид и Струга се преполни со гости, главно домашни. На бројните забави кои се организираа, посебно за време на Илинденските празници, скоро и да не се почитуваа правилата за заштита од вирусот.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира