МОНТАЖНИТЕ БОЛНИЦИ ВО ШТИП, СТРУМИЦА И ГЕВГЕЛИЈА СЕ ПРИОРИТЕТНИ, РЕЧЕ ФИЛИПЧЕ

    МОНТАЖНИТЕ БОЛНИЦИ ВО ШТИП, СТРУМИЦА И ГЕВГЕЛИЈА СЕ ПРИОРИТЕТНИ, РЕЧЕ ФИЛИПЧЕМинистерот за здравство Венко Филипче денес разговараше со раководителите на Центарот за јавно здравје и Здравствениот дом во Штип за нивната организираност и координираност. (Фото: СДК.МК )

    Монтажните болници во Штип, Струмица и Гевгелија се приоритетни и тие во најскоро време ќе бидат изградени, рече министерот за здравство Венко Филипче по денешната посета на Здравствениот дом во Штип.

    „Здравствениот дом во Штип во кој се сместени Центарот за јавно здравје, пунктовите за тестирање и Итната медицинска помош имаат регионален карактер и го опслужуваат регионот. Затоа, предвидуваме за две недели да се започне со реновирање во Здравствениот дом, а до крајот на годината Итната медицинска помош како најголема во регионот ќе добие ново амбулантско возило“, кажа Филипче.

    Министерот најави и опремување на амбулантските возила со неопходната апаратура што ќе биде донација од една американска фондација. Штипскиот здравствен дом, вели министерот, засега е добро екипиран затоа што во изминатите две години биле примени 20 доктори и медицински сестри. Тој додаде и дека Центарот за јавно здравје во Штип има капацитет за брзи тестови и се прават и по 100 тестирања на ден, како и дека ќе се реновираат сите вакцинални пунктови во земјава.

    На новинарско прашање за препродавање и купување на лекови на црно преку Интернет, министерот рече ниту еден граѓанин не треба да посегне да бара лекови кои не се докажани дека помагаат во лекувањето на овој вирус.

    „Насекаде во светот има многу клинички студии кои испитуваат, ние знаеме дека специфичен и посебен лек за оваа болест нема. Се прави комбинација на постојни терапии за други болести или согласно симптомите коишто ги дава оваа болест. Мора да знаеме дека има навистина широка лепеза на симптоми со коишто оваа болест може да се манифестира. Во таа смисла апелирам да секој еден пациент во консултација со матичниот лекар или за време на болничкото лекување, апсолутно само под контрола на лекар да прими соодветна терапија“, рече Филипче.

    За случајот со 41-годишната пациентка од Берово, која почина на Инфективното одделение во Штипската болница, откако два дена барала помош преку мобилен телефон од медицинскиот персонал, Филипче рече дека Лекарската комора сѐ уште не излегла со извештај.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира