МОСТОТ БЕЗ ПАНОРАМСКОТО ТРКАЛО ЌЕ БИДЕ ЗАВРШЕН ВО МАРТ, СКОПСКИОТ КЕЈ ПРОЛЕТВА ПРООДЕН ПОСЛЕ 6 ГОДИНИ

    МОСТОТ БЕЗ ПАНОРАМСКОТО ТРКАЛО ЌЕ БИДЕ ЗАВРШЕН ВО МАРТ, СКОПСКИОТ КЕЈ ПРОЛЕТВА ПРООДЕН ПОСЛЕ 6 ГОДИНИЦелосно е исчистено коритото на реката од бетонските столбови на кои требаше да стои панорамското тркало и сега се работи на ситни градежни зафати на мостот. (Фото: Град Скопје)

    За два месеца ќе биде готов пешачкиот мост на кејот на реката Вардар во центарот на Скопје на кој требаше да стои панорамското тркало. Мостот почна да се доградува во декември 2018 и беше најавено дека ќе биде готов пролетта 2019. Но, градежните работи сѐ уште траат.

    Градоначалникот Петре Шилегов вели дека изградбата на мостот, наследен од претходното градско раководство како дел на проектот „Скопје 2014“, е при крај. Целосно е исчистено коритото на реката од бетонските столбови на кои требаше да стои панорамското тркало и сега се работи на ситни градежни зафати на мостот. Со пуштањето во употреба на мостот, после 6 години ќе биде прооден кејот во овој дел од најстрогиот центар на градот.

    „Тргнати се фундаментите за панорамското тркало. Мостот не е во барок. Коритото на Вардар е чисто и проточно. Мостот ќе биде целосно готов и пуштен во употреба за два месеци. Остануваат уште да се постават пристапни рампи и некои ситни зафати“, вели Шилегов.

    Градоначалникот Шилегов во април 2018 најави дека одлучиле мостот од проектот „Скопје 2014“ да не се урива, туку да се догради без панорамското тркало и да биде пешачки премин. Град Скопје и изведувачот ГП „Бетон“ постигнаа договор мостот да се догради по пониска цена од онаа во првичниот договор, односно наместо 7 милиони евра, Градот да доплати 3,1 милиони евра. Претходно, на изведувачот му беа исплатени 10 милиони евра.

    Мостот на кој што според проектот требаше да стои панорамско тркало почна да се гради во 2014. Град Скопје тогаш проектот го предаде на ЈСП „Скопје“, а пари покрај од буџетот на Градот се обезбедуваа и преку донации од Агенцијата за електронски комуникации. Според договорот со ГП „Бетон“, изградбата требаше да чини 18 милиони евра.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира