МОСТОТ НЕМА ДА СЕ УРИВА, ЌЕ СЕ ДОГРАДИ БЕЗ ПАНОРАМСКОТО ТРКАЛО ЗА 3,1 МИЛИОНИ ЕВРА, ОДЛУЧИ ШИЛЕГОВ

    МОСТОТ НЕМА ДА СЕ УРИВА, ЌЕ СЕ ДОГРАДИ БЕЗ ПАНОРАМСКОТО ТРКАЛО ЗА 3,1 МИЛИОНИ ЕВРА, ОДЛУЧИ ШИЛЕГОВМинатата недела Град Скопје и изведувачот ГП „Бетон“ постигнале договор мостот да се догради по пониска цена од онаа во првичниот договорот односно наместо 7 милиони евра, Градот да доплати 3,1 милиони евра.(Фото: М.Златевска)

    Мостот на Вардар на кој што требаше да стои панорамското тркало ќе се доградува. Скопскиот градоначалник Петре Шилегов за САКАМДАКАЖАМ.МК вели дека одлучиле мостот да не се урива, туку да се догради без панорамското тркало и да биде пешачки премин. Минатата недела Град Скопје и изведувачот ГП „Бетон“ постигнале договор мостот да се догради по пониска цена од онаа во првичниот договорот односно наместо 7 милиони евра, Градот да доплати 3,1 милиони евра.

    „Донесовме одлука да се догради пешачкиот мост. Наместо бараните 7 милиони евра ќе платиме 3,1 милиони евра. Уривањето онака како што е сегашната позиција на мостот заедно со заостанатите плаќања и обврските кон германските партнери кои требало да го градат тркалото би нè чинело 3 милиони евра. Успеавме за истата цена да договориме тој да се догради. Коритото на реката Вардар повторно ќе стане безбеден бидејќи нема да има фундаменти во него. Мислам дека оваа варијанта е добра за граѓаните“, вели градоначалникот Шилегов.

    Шилегов објаснува дека направен е нов проект според кој мостот нема барокни елементи и ќе биде поставена проѕирна ограда да се гледа Камен мост.

    Мостот на кој што според проектот требаше да стои панорамско тркало почна да се гради во 2014 година. Град Скопје тогаш проектот го предаде на ЈСП „Скопје“, а пари покрај од буџетот на Градот се обезбедуваа и преку донации од Агенцијата за електронски комуникации. Според договорот со ГП „Бетон“ изградбата требаше да чини 18 милиони евра. Досега на изведувачот му се исплатени 10 милиони евра.

    А. АНТЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари